29.09.2011, 10:57 „Ромео и Јулија“ најдобра на 36. МОТ
„Брод за кукли“ најдобра претстава од македонската независна сцена.
Литванската „Ромео и Јулија“ на режисерот Оскарас Коршуновас е најдобра претстава на 36. Млад отворен театар според оценката на публиката, која гласаше по секоја претстава на МОТ.
На синоќешното затворање на фестивалот, специјално признание за современа сценска естетика доби претставата „Брехт: Хардкор машина“ на Андраш Урбан од Суботица. Тој годинава гостуваше со уште една претстава - „Турбо парадизо“, која го отвори МОТ на 21 септември.
Најдобра претстава од македонската независна продукција е „Брод за кукли“ на театарот „Вондерленд“ во режија на Нела Витошевиќ. Одлуката ја донесе тричлено жири, во состав Љубиша Никодиновски-Биш, Александра Бошковска и Ѕвезда Ангеловска.
Наградениот театар доби од МОТ 200.000 денари како поддршка за нивни нов проект што ќе биде претставен на следното фестивалско издание.
„Брод за кукли“ е прво дело на алтернативниот театар „Вондерленд“, работено според контроверзниот и богат со симболи текст на српската авторка Милена Марковиќ. Во претставата играат Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Николина Кујача, Славиша Кајевски, Благој В��селинов и Наташа Петровиќ.
На 36. Млад отворен театар беа изведени 18 претстави, од кои половината странски, по избор на програмскиот селектор Дејан Пројковски. Фестивалот беше збогатен со концерти, промоции на книги и една инсталација.
|