23.09.2011, 13:22 „Фејсбук“ го претстави „Тајмлајн“
Марк Цукерберг конечно ни ги претстави големите промени на “Фејсбук“ за кои досега слушавме.
Најголемата промена е поврзана со досегашниот профил - покрај личните информации, на него до сега се објавуваа сите наши активности, но како времето минуваше тие активности паѓаа на дното, и со времето ги заборававме.
Сега нашиот профил станува “Тајмлајн“, односно како што нагласи Цукерберг, “приказна на нашиот живот“. Шефот на “Фејсбук“ нагласди дека “Тајмлајн“ бил дизајниран “од нула“ и според она што ни прикажа – вложениот труд се исплател.
“Тајмлајн“ изгледа навистина атрактивно и на него се наоѓаат сите содржини кои некогаш сме ги објавиле – од првиот ден па се до денес.
На “Тајмлајн“ ќе можеме, како и до сега, да објавуваме статуси, фотографии, видеозаписи, апликации, но сега ќе можеме да ги нагласуваме, односно ќе можеме да ги одвојуваме најважните приказни, фотографии, апликации и слично.
На “Тајмлајн “ ќе доминира насловната фотографија – тоа нема да биде досегашната фотографија на профилот која и понатаму се наоѓа на левата страна, туку голема фотографија со која ќе можеме “најдобро да се изразиме“.
Како и до сега сами ќе одлучуваме со кого ќе ја делиме содржината од нашиот профил, а особено интересна новина е поврзана со апликациите – оние апликации кои ги користат нашите пријатели и кои ни се допаѓаат, ќе можеме едноставно да ги префрлиме на нашиот “Тајмлајн“ и да почнеме да ги користиме.
“Тајмлајн“ ќе стане достапен во текот на следните недели, а до тогаш некои корисници ќе можат да го тестираат.
Покрај “Тајмлајн“, Цукерберг најави и сосема нов вид на апликација – социјална апликација со која поедноставно ќе можеме да ги споделиме содржините од нашиот профил со пријателите, а акцентот е ставен на заедничкото слушање музика, гледање филмови и препораки на статии и вести кои ќе може да ги споделиме на “Фејсбук“.
|