28.09.2011, 16:43 Наградата на „Екс понто“ ни отвори многу перспективи
Интервју со режисерот Мартин Кочовски, чија претстава „Кавкаски круг со креда“ ја освои првата награда на љубљанскиот „Екс понто“
Тина Иванова
Прва награда од публиката на престижниот фестивал „Екс понто“ за претставата „Кавкаски круг со креда“ на Прилепски театар, во режија на Мартин Кочовски, беше топ-вест во вчерашните медиуми. Ова е првпат една македонска претстава да добие највисока оцена на љубљанскиот современ фестивал. По текст на Бертолд Брехт, иако пишуван одамна, претставата и денес и овде е актуелна. Како што ќе каже режисерот, особено во време кога во Македонија преовладуваат посебни национални чувства.
„Ќе се обидеме да подготвиме политичка, а не политикантска претстава. Политичкото и посебните општествени појави да ги доловиме низ призмата на уметничкото“, рече Кочовски кога ја подготвуваше претставата. Во денешниот телефонски разговор со него, по веста за големата награда, видно возбуден ни изјави: „Да се доживее аплаузот од тамошната публика, која е едуцирана за театар, е нешто неповторливо“.
Какво е чувството да се добие прва награда на фестивал што важи за еден од ��ајдобрите европски театарски, посветени на современите видувања?
Прекрасно. Првпат македонски театар ја добива првата награда на „Екс понто“. Иако и пред тоа некои претстави постигнувале одлични успеси, како „Црвено“ или „Граница“ на Мал драмски театар од Битола, но сега со „Кавкаски круг со креда“ ова е прво вакво достигнување.
Досега сте добитник на девет награди, но ова меѓународно признание чинам е поинакво, поради тежината на љубљанскиот фестивал?
Да, овој фестивал добро го познавам. Таму учествувам по четврти пат и знам која е неговата тежина. Знам дека доаѓаат врвни имиња од современата светска театарска сцена и тие се внимателно избирани. На фестивалот има и нови имиња, кои допрва доаѓаат, но има и многу докажани, се изведуваат претстави од врвни режисери. Затоа секогаш е многу важно да се учествува на „Екс понто“. Публиката е многу строга, многу внимателна и далеку е од нашите разбирања за театар.
(Поопширно во утрешното издание на „Утрински весник“)
|