30.09.2011, 12:21 Густав Малер за старт на сезоната на Филхармонија
Изведбата на Симфонијата бр. 2 наречена „Воскресение“ од австрискиот композитор Густав Малер ќе го означи почетокот на новата сезона на двете институции - Македонската филхармонија и Македонската опера и балет.
Вечерва на сцената во МОБ, под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестрите на Македонската опера и Филхармонијата ќе го изведат едно од највеличествените дела во музичката историја. Двесте музичари на сцена и солистите - Александра Петерзамер, мецосопран од Германија, и Благица Поп Томова, сопран од Македонија, ќе го одбележат јубилејот - 100 години од смртта на големиот Малер.
„Се работи за обемен проект со 200 учесници на сцена. Поради тоа, концертот е невозможно да биде постојано на репертоарот“, рече директорката на Македонската филхармонија, Маја Чаначевиќ, на вчерашниот прес. Таа додаде дека убава е идејата заеднички двете куќи да ја одбележат стогодишнината од смртта на големиот композитор Малер, чие творештво е комплексно и возвишено.
Мецосопранот Александра Петерзамер се смета за специјалист за интерпретација на композиции на германски јазик. „Предизвик да се пеат дела од Малер, зашто секоја изведба е различна и неповторлива“, рече таа.
Сопранистката Поп Томова, пак, истакна дека Малер е тежок за изведба и бара специфичен глас.
Густав Малер ретко се изведува на македонската сцена, па затоа присуството на неговите дела во репертоарот на музичките институции се смета за вистински празник. Неговите колосални симфонии, особено во последните 30 години, најдоа свое место на сите поголеми концертни сцени во светот.
Симфонијата бр. 2 во це-мол е позната под името „Воскресение“, затоа што, како што ја опишуваат музиколозите, низ неа провејува мистичен звук на смртта и воскреснувањето. Својата премиера ова грандиозно дело во пет става ја доживеало во 1895 година (пишувана е помеѓу 1888 и 1894 година) во Берлин, под диригентската палка на Рихард Штраус. Првата изведба поминала неславно, токму поради колосалните звучни димензии, но и поради силниот емотивен набој, што за тоа време не било својствено. Публиката не можела да ја прифати нејзината тегобна звучност, иако била револуција, зашто донела новитети во рамките на симфониското творештво. Таа е посмртен марш, опишана е како музика што боли, како музика што ги носи сенките на смртта, напати и иронично и гротесктно, но во целост, таа е стравичен приказ на мистичната смрт. Со оваа симфонија, Малер најмногу се доближува до композиторските принципи на неговиот учител, Антон Брукнер.
Австрискиот композитор Густав Малер (1860-1911) е автор на девет симфонии (десеттата е недовршена) по кои и најмногу се истакнува неговото творештво. Се смета за еден од најголемите претставници на романтизмот од втората половина на 19 век, а со своето творештво ќе го премости јазот помеѓу Рихард Вагнер и Арнолд Шенберг, всушност, помеѓу романтизмот на 19 век и храбрите музички стремежи на 20 век. (Т.И.)
ж
|