29.09.2011, 14:52 „Маус он Марс“ главни ѕвезди на „Десонанз“
Третото издание на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност ќе се одржи од утре до 8 октомври во Скопје.
На неколку локации во Скопје, од утре до 8 октомври, ќе се одржи третото издание на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност наречен „Десонанз“. Фестивалот се реализира во организација на Гете-институтот - Канцеларијата за врски во Скопје и Здружението на граѓани „Домино“.
Фокусот на годинашното издание е ставен на концертот на популарното, ексцентрично електронско дуо од Германија, „Маус он Марс“ кое ќе настапи на 1 октомври во клубот Хавана, но на сцените низ Скопје ќе продефилираат и уште неколкумина врвни артисти во областа на современата електронска музика кои на македонската публика ќе и' ги доближат најновите тенденции во оваа сфера, како и импровизацијата, но и видео-уметноста. Најавени се гостувања на артисти од Германија, Норвешка, Унгарија и од Македонија.
Покрај култните „Маус он Марс“, македонската публика ќе има можност да присуствува и на настапите на микрохаус артистот и продуцент „Изоле“, на Роман Флигел, еден од најголемите и највлијателните техно продуценти на германската електронска музичка сцена, додека „Шнајдер ТМ“ ќе ја долови урбаната берлинска атмосфера преку неговите „Construction Sounds“ („Звуци од градилиштата“), визуелно „мапирани“ од познатиот медиумски уметник и предавач Лилеван.
Годинава, покрај концертите, „Десонанз“ нуди и едукативната програма, односно работилници наменети за сите возрасти. Работилницата „Sample and Hold“ во својот фокус ги има т.н. fields recordings (теренски снимки). Артисти од Југоисточна Европа и од земјава, под водство на германскиот артист Дирк Дреселхаус, неколку дена ќе ги истражуваат звучните обележја на урбаните предели на Скопје, а пак, деца од 9 до 12 години, заедно со членовите на уметничкиот колектив „Staalplaat Soundsystem“, ќе имаат можност да креираат и презентираат музички инструменти направени од стари апарати за домаќинство.
Од македонските артисти најавени се настапите на Андреас Херц и Мирко Попов, а за визуелната поддршка ќе се погрижи македонската видео-артистка Слаѓана Богеска, која настапува под псевдонимот xx+xy visuals.
Електронското познато дуо од Диселдорф, Јан Вернер и Анди Тома, наречено „Маус он Марс“, е активно од 1993 година и својата најголема популарност ја стекна кон крајот на 90-тите години. Нивната музика, која во себе содржи различни влијанија од повеќе музички правци, па и жанрови, ја опишуваат како мешавина на диско, амбиент, краутрок... Покрај електрониката, користат и конвенционални инструменти како гитара, тапани, бас, гудачи. Членовите на „Маус он Марс“ велат дека создаваат звучен хаос. Ова дуо максимално ги искористува можностите на електронската музика, па затоа и не е чудно што го нарекуваат „бенд пред времето“. Пост-техно двоецот Вернер и Тома ги опишуваат како занесени по новите достигнувања, но тоа сепак, не им е приоритет во создавањето на музиката, туку како што и самите велат, важно е таа да звучи добро. Тие создаваат уникатна комбинација на конкретни, познати и апстрактни елементи и затоа е мошне тешко нивната музика да се опише со еден збор. Едноставно, таа е „друга димензија“.
„Маус он Марс“ досега имаат објавено девет албуми, како и голем број синглови, а фантастичните Вернер и Тома работат и на самостојни проекти.
|