23.09.2011, 11:29 Нацоски ја почнува концертната сезона
Нацоски ќе настапи во „Волшебната флејта“ од Моцарт во Џенова, а ќе биде и член на жири комисија на натпревар за млади оперски пејачи во Бари.
Македонскиот тенор Благој Нацоски новата концертна сезона ја почнува во театарот „Карло Феличе“ во Џенова, Италија, каде од неодамна почнаа пробите за поставката на операта „Волшебната флејта“ од Моцарт. Премиерата е закажана за 22 октомври, а режисер на оваа продукција е Даниеле Абадо.
Во меѓувреме, Нацоски ќе замине за Москва каде со Московската филхармонија под диригентската палка на холанѓанецот Артур Арнолд, заедно со македонската оперска двојка Ана и Игор Дурловски, ќе одржат Гала оперски концерт во салата „Чајковски“, по повод манифестацијата „Денови на македонската култура во Русија“. Благој Нацоски ќе одржи и концерт со барокна музика на фестивалот „Томазо Траета“ во Бари, а во истиот град ќе биде и член на жири комисијата на Меѓународниот натпревар за млади оперски пејачи „Кафарели“. Во неговата концертна агенда се и две претстави во Македонската опера и балет - обновата на „Севилски Берберин“ од Росини и „Дон Џовани“ од Моцарт.
За настапите кои следува��т, Нацоски вели: „По улогата на Тамино во ’Волшебната флејта‘ со која настапив и во текот на месец август во Безие, Франција, еве ме во уште една продукција на истата опера. Тука во Џенова сепак, се работи за тотално различен концепт на постановката на оваа претстава. Инаку, за првпат во мојата досегашна кариера поканет сум да бидам член на едно меѓународно жири во Бари и тоа ми претставува огромна чест. Се работи за меѓународен натпревар по соло пеење на кој ќе можат да се пријават учесници до 28 години. Ќе ми биде особено мило доколку учествуваат и кандидати од Македонија. Со нетрпение, пак, чекам да настапам во ’Севилскиот Берберин‘ за првпат во Скопје, престава која ја имам пеено во шест различни градови во светот досега, а тоа ќе претставува и еден вид вовед за 2012 година кога истата претстава ќе ја пејам околу дваесетина пати низ Европа.“ (Т.И.)
|