16.03.2012, 18:04 Едиторијал
„Д“ дијалог за Македонија
Слободанка Јовановска
Македонија влезе во нова фаза со Европската унија. Вака барем тврдат и од Брисел и од дома по започнувањето на претпристапниот дијалог на високо ниво, во кој лично учествува еврокомесарот Штефан Филе. Што е новото? - е тема околу која веќе почнаа политичките кавги во земјата иако, како и да се гледа на нештата, овој пат станува збор за добра вест за Македонија. Опозицијата го оцени дијалогот на високо ниво како потврда на колку ниско ниво се реформите во земјата, додека власта се труди да го презентира тоа како доказ дека земјата постигнала напредок, па Брисел го формализира тоа така како што може во моментов. Добрата вест е дека Брисел го сврти наглавачки процесот за да и' излезе во пресрет на Македонија, која тргна на патот на откажување од ЕУ. Добра вест е и тоа дека Брисел сака реформите да ги стави како услов над името, и дека првпат е подготвен, како во случајот со Србија и Хрватска, да бара креативен начин да се надмине блокадата на нашата евроинтеграција. Добра вест е и тоа дека Брисел стана свесен колку е неодржливо статус квото на Македонија, дека нашата евроинтеграција мора да стане реална и дека е веќе срамно за сите заостанувањето на државата, поради наша вина и на Грција. Добра вест е најавата дека ЕК сака да го зајакне реформското досие на Македонија, зошто има намера во декември да ја брани посилно нашата препорака и зошто смета дека тоа ќе ја зајакне и нашата позиција во спорот за името. Добра вест е и тоа дека Брисел почна да го врти грбот на ширењето на „ерга омнес“ дефиницијата, и почна да расчистува што е предмет на спор а што не. И, најдобрата вест е дека Брисел реши да не натера на вистински реформи, при што нема намера да и' остави простор на владејачката гарнитура да глуми дека го прави тоа давајќи и' аргументи. Едноставно, реши да го седне цврсто на маса премиерот Никола Груевски и да му го земе главниот адут (името) да им избега од неа.
Дијалогот делумно е и успех на премиерот Никола Груевски, кој побара скрининг за Македонија од претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо и, без оглед што доби нешто што не е тоа, го принуди Брисел да даде нешто и да отвори некаква можност за Македонија. Иако Европската комисија и досега ја поддржуваше земјата упорно предлагајќи почеток на преговорите изминатите три години, а тоа го прави подолго и Европскиот парламент, така што таквиот однос не е новост, овој пат изгледа решена тоа и да го истурка и да не и' даде шанса на земјата да дигне раце од процесот. Тоа го сугерираа два клучни збора од прес-конференцијата на еврокомесарот Филе, кој добивањето преговори го нарече „неизбежно“, а напредокот на Македонија го најави како нешто што ќе го постигнеме „заедно“. Дали дијалогот е исто што и преговори или не е, дали по скринингот ќе има пак формален скрининг или не, дали станува збор за напредок или за притисок - во моментов е сосема споредно. Исто како што е споредно настојувањето на Владата да добие потврда дека со дијалогот и се потврдува напредокот, кога сите гледаат дека на маса и се ставени сите столбови што ја одржуваат на власта моментно. Уште повеќе, дека самата треба да се откаже од она што и' помага да ги добива изборите во Македонија во име на дијалогот на високо ниво, т.е. да си одмогне себеси во име на повисоките интереси на земјата, т.е. да покаже јасно за кого работи - за себе или за Македонија. |