Фестивали
„Макфест“ е мајка на најголемите хитови
Овој наш фестивал слави 25 години - идеално време за преиспитување и за коригирање
Валентина Тодоровска
Музичката историја на „Макфест“ започна во 1986 година, Штип е заведен како роден град, а и врапчињата знаат дека овој фестивал во стартот вети традиција што воспостави нови критериуми во забавната музиката. Така и беше. За многумина, „Макфест“, што несомнено стана бренд, својата ренесанса ја доживеа во деведесеттите, но времето и пред и потоа си има свои херои. Хроничарите ги знаат бројките, но „Кој да ти каже Ивана“, „Свирете ја зајди, зајди“ , „Време за плачење“, „Твоите очи сине“, „Сонце за три света“, „Моја гитара..., се песни што го оправдуваат постоењето на овој фестивал. Најголемите ја минаа сцената на „Ацо Шопов“ во Штип, а покрај нашите ѕвезди, ги видовме и Хелена Благне, Иво Патиера, Зорица Конџа, Мики Јевремовиќ..., и така, година по година, станавме свесни дека сме дел од музичката историја.
На штипското празнување се случуваше музиката меѓу блескавите рефлектори на сцената, ама императив беше и визуелен момент - свечените тоалети на учесниците, елеганцијата достојна на еден фестивал и сето тоа комплетирано со прочуената штипската публика со вкус, ја заокружија целината. Не дека одвреме-навреме немаше патриотски навивања, не дека дебитансктата вечер беше непотребен дел од приказната, но се памети магијата на фестивалот. Уметничките директори, Кирил Манев, Славе Димитров, Љупчо Мирковски, Валентино Скендеровски и Кристијан Габроски, сите оставаа свој белег, кој повеќе успешно, кој помалку.
Некои нови генерации денес за прочуените постфестивалските забави, етаблираните пастрмајлии и за мераклиско штипско вино, слушаат како за народни сказни. Во име на блиц-сеќавањето и на убавите спомени, што, сепак, се лоцираат во друго - поубаво, добро - старо време, се обидовме да направивме анкета со директни и индиректни учесници на фестивалот. Еве како тие размислуваат на тема „Макфест“.
Љупчо Мирковски
„Макфест“ беше еден од најпрестижните фестивали во Југославија, но и подоцна со осамостојувањето на Македонија остана еден од најдобрите на бившите ЈУ-простори. За жал, тоа не траеше долго. Најнескромно ќе кажам дека „Макфест“ беше вистински фестивал до 95 година, а максимумот го доживеа во 93-тата. Потоа почна да негува други правци во музиката што не се соодветни за замислата на луѓето што ја имаа идејата за вистински македонски фестивал на забавни мелодии препознатливи со децении на целиот Балкан. Денес е реткост да слушнеш песна што потсеќа на македонска забавна мелодија. Во ред е замислата да и се приближиме на Европа и на светот, меѓу другото, и со музиката, но не и рапот да води главен збор. Ајде да не одам толку многу далеку, да споменам само неколку песни од „Макфест“, кои вечно ќе се вртат по сите медиуми и уште барем наредни 10 генерации ќе ги пеат и ќе ги сакаат - „Кој да ти каже Ивана“, „Да си мерак песна“, „Кога те нема“, „Свирете ја зајди зајди“, „Чаирска романтика“, „Опасно сум вљубен во тебе“, „Летај гулабе“, „Твоите очи сине“, „Сонце за три света“ и уште барем триесетина. Сите познати композитори и цела балканска пејачка елита продефилира на сцената на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Се појавија нови пејачи и нови композитори. Денес е лесно да запамтиш кои се авторите на песните на „Макфест“ - тројца автори на музика, двајца на текст и двајца аранжери. Тоа е несоодветно за фестивал со триесетина „нови“ песни. Штета е што се уништи фестивалот од сите аспекти. Само организаторите си знаат колку маки имале да обезбедат средства за одржување на трите вечери во годините што сите ги чекавме со нетрпение. Имаше многу гафови, многу грешки, многу гревови, кои „Макфест“ ги направи, но лошите работи треба да се заборават, убавите да се паметат. Во секој случај, честит 25 роденден и што побргу да се врати сјајот на „Макфест“ , онаков каков што го паметиме.
Ристо Самарџиев
Асоцијација на „Макфест“ за многумина е врзана за враќањето на фестивалската сцена на голема врата и истовремено придонес за популаризација на забавната музика. Лична асоцијација ми се одличните фестивалски и постфестивалски вечери низ сите години, што навистина беа спонтани со убаво дружење. Можеби во последните години квалитетот и интересот на фестивалот е намален, не знам дали поради некогаш гламурозите вечери или многубројните добри песни, се' друго остана во сенка... И покрај се', сметам дека овој фестивал си има своја вредност и квалитет и дека не е само историска музичка појава - и тоа не само поради 1.000 песни и 25-годишниот јубилеј туку дека кај сите автори и пејачи се чувствуваше една друга, поинаква ангажираност.
Драган Вучиќ
Она што денес пласира „Макфест“, тоа е за публика до 20 годин��, повеќе хип- хоп, рап и затоа, евидентно, стагнира. Арно ама, не беше секогаш така. Првите 7-8 години навистина ми беше чест, па макар и да сум во публиката на Домот на културата „Ацо Шопов“. Тоа беше публика со извонреден вкус и уво! Сите ние авторите имавме и трема - дали песната ќе ни влезе во финале, како ќе биде прифатена. Поласкан сум што три години едноподруго бев меѓу наградуваните - со „Кажи грешнице“, „Свирете ја зајди зајди“ и „Ангели ме носат“. И да не заборавам - „Макфест“ беше извонредно место да се сретнеш со колеги од цела бивша Југославија, што значеше многу за секој од нас, и да си поминеш незаборавни три дена низ околните кафанчиња со традиционална пастрмајлија.
Григор Копров
Ако зборуваме за македонската поп-музика, без сомнение, значајна и голема улога имаше „Макфест“. Композиции што се паметат, афирмација на многу автори, па и моја. Дел од кариерата ми е врзан за „Макфест“, многу песни останаа да се пеат, добив многу награди... Можеме да се гордееме на „Макфест“ оти стана бренд. Патем, музиката се дели на добра и на лоша, а овој фестивал, за разлика од многу други проекти поддржани од државата, многу повеќе придонесе за афирмација на Македонија. Инаку, не пропуштам можност да одам на „Макфест“, тоа ми е традиција што ми стана драг годишен ритуал.
Кемал Монтено
Песната „Кој да ти каже Ивана“ ми е една од најдрагите во кариерата, а ја испеав токму на „Макфест“. И ден денес многу ја бараат, каде и да настапам е слушана со задоволство, што кажува за самиот квалитет на фестивалот. Се сеќавам дека најпознатите имиња гостуваа на „Макфест“ и беше чест да си меѓу нив. Затоа уште повеќе ме радува што ќе бидам дел од годинешните гости.
Душан Љубисављевиќ
Што да каже штипјанец за „Макфест“- суперфестивал, уште посупер дружење. За него сме врзани емотивно и нашата музичка приказна започна со „Виолина и гитара“. Многу добри песни излегоа од „Макфест“, тоа се памети, сето друго е историја.
Кристина Арнаудова
„Макфест“ е фестивал од кој сум ги учела првите песни во детството, празник за уши и за очи! Паметам многу песни, многу евергрини имаат останато од тој фестивал, но, за жал, во последниве години се губи сјајот и се проретчуваат песните што остануваат. Паметам убави дружења, многу пастрмајлии, нервози пред настап и трема на сцена, пред штипската публика, се' што е дел од тој фестивал! „Кога те нема“, „Ивана“, „Осамен“, „Сонце за три света“....многу песни! Се надевам на уште многу такви, од се' срце!
Тања Станковиќ-Димовска
Кога ќе помислам на „Макфест“, само едно можам да кажам: НАЈУБАВОТО ИСКУСТВО ВО ЦЕЛАТА МОЈА КАРИЕРА! Овој фестивал беше една голема можност за успех на секој пејач. За „Макфест“ имам најубави сеќавања. Навистина голем благослов за македонската сцена. |