„Теа модерна“ го промовира изданието на албански јазик
„Ова треба да биде вовед во нешто што треба да тече, а тоа е дијалогот на оние што се разбираат“, истакна првиот човек на МПМ, Срѓан Керим
„Богатството на јазици не е само израз на различните идентитети, туку моќ на комуникација. Затоа, ’Теа модерна‘ треба да ја има��е и на албански јазик. Она што е суштинско со духот на Охридскиот рамковен договор е да се разбираме, а за да се разбираме, треба да комуницираме на сите јазици. Ова не е нужда, ова е потреба. Ова треба да биде вовед во нешто што треба да тече, а тоа е дијалогот, но не дијалог на глуви и не дијалог на два света, туку дијалог на оние што се разбираат“, истакна генералниот директор на МПМ, Срѓан Керим, на вчерашната промоција на „Теа модерна“ на албански јазик.
Во годинава кога магазинот одбележа два значајни јубилеја, 10 години постоење и излегување на 500. број, „Теа модерна“ го направи својот голем чекор со тоа што започна ќе излегува и на албански јазик. Јулијана Кочовска-Кртолица, главен и одговорен уредник на магазинот, рече дека и натаму остануваат доследни на уредувачката политика. „Нашите соговорници се луѓе кои сакаат да говорат за трајни вредности. Сега ’Теа модерна‘ ќе може да се прочита на два јазика на македонски и на албански“, рече Кочовска-Кртолица.
Според Лирим Дулови, еден од сопствениците на „Коха“, весник на албански јазик, преку кој ќе се дистрибуира „Теа модерна“ на албански, ова е еден нов почеток на еден долготраен и успешен проект. „Оваа идеја на МПМ ќе ни овозможи да ја заокружиме својата мисија за еманципација не само на албанската жена, туку и на албанскиот маж“, рече Дулови.
Во првото издание на „Теа модерна“ на албански јазик, меѓу другите содржини, беше објавено и интервјуто на потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, но поради отсуство од земјава, честитките ги упати преку писмо.
„Ако издавањето на еден весник е празник, тогаш издавањето на женски магазин е повеќе од празник, тоа е можност да се слушне зборот на жената, нејзиниот повик за животот, но не за секаков живот, туку еден подобар, поправеден и еманципиран живот. Затоа, издавањето на ’Теа модерна‘ на албански јазик го издвојувам како посебен настан“, порача Арифи.
На вчерашната промоција во преполната сала на „Александар палас“ се говореше и на македонски, и на албански и на англиски јазик, со што на најдобар начин се покажа дека „Теа модерна“ на албански јазик ги урива бариерите и предрасудите, а наместо разликите, ќе промовира позитивен пристап кон трајните вредности на мултикултурализмот во земјава. Покрај одговорните личности на изданијата, меѓу присутните беа и амбасадорот на САД, Филип Рикер, претставници на политичките партии, министри, градоначалници, бизнисмени, уметници и медиуми. (Св.У.) |