Мегаинтервју: Звезда Ангеловска
Созреваме до крајот на бескрајот
Звезда Ангеловска, актуелна Софи во серијата „Од денес за утре“, зборува за ТВ-сериите, за режирањето и за актерството, како и за изненадувањата на животот
Валентина Тодоровска
Колку Ви беше предизвик да го прифатите ликот на секретарката Софи во серијата „Од денес за утре“? Мислам, воопшто, да се нафатите да глумите во овој ТВ-проект... Патем, сметам дека овој лик најбргу ќе ги освои гледачите, толку е специфичен и толку често го среќаваме во секојдневјето. И толку сте вие добра во креацијата.
- Ликот на секретарката Софи во серијата „Од денес за утре“ е навистина специфичен и затоа прифатив да играм во неа. Можеби затоа што е и епизоден, а најчесто таквите се мошне интересни, особено кога се работи за ТВ-серија. Сепак, пресуден беше моментот што знаев дека ќе ја работи режисерот Иво Лауренчиќ со „Идеја плус“. Тоа значеше дека треба да работам многу, како и целата екипа, а јас имено, поради многубројните трансформации на ликот на Софи. Предизвик, работа и преубава соработка - најубавата можност за еден актер. Ова досега ми беше на некој начин најделикатна улога, затоа што не е ниту театар ниту филм, туку ТВ-серија, каде што треба многу да се внимава од секаков аспект. Јунаците од ТВ-сериите секогаш имаат можност да оставаат можеби најфасцинантен впечаток кај гледачите, пред се', поради долготрајното прикажување, а оттука е и соживувањето со тие јунаци од страна на гледачот. Затоа сметам дека ТВ- сериите се чуден феномен: ве носат или до срцата на гледачот или до дното, трето нема. Серија за мене има некаков чуден жанр и свој посебен ракопис. Самото по себе беше некако „шокантно“ за мене, да играм егоцентрична, не премногу интелигентна секретарка со животен турбофолк-стил (упс - асистентка, ха, ха), која е вљубена во својот директор. Мислам дека умниот гледач ќе ја сфати пораката со овој лик, каде што не е случајна „гротескната претераност“, и во визуелниот изглед. За таква задача режисерот мора одлично да го познава актерскиот дијапазон на актерот кога го одбира. Честитам за таквиот режисерски концепт и тоа што токму јас ја имам оваа задача. И како што поминува времето, чувствувам дека ми станува омилен лик. Софи, во суштина, е трагикомична, има амбиции (како и сите турбофолкери), да сними спот, ЦД, што и да е, само да се „пласира на пазарот“, кој нема свој идентитет, се менува камелеонски, се бара во личниот живот, во работата која „привременото постојано го (де)формира“. Ете, ова беа само дел од моите актерски задачи. Всушност, преку овој лик се насетува и мојот личен, ироничен став спрема т.н. контраиндикациски појави во општествените транзициски периоди. Имав прекрасна соработка со режисерот Лауренчиќ, одлично се разбиравме, а со партнерот Сенко Велинов, кој е главниот јунак, заеднички ги градевме сцените, многу ми помогна и се забавувавме, што не ми се случило одамна. Со Ристо Самарџиев и Розе Трајчевска се заокружи, пак, целата линија на Софи. Очигледно, сите знаевме што сакавме да постигнеме.
Што се случува со времето и со промените што ни ги носи тоа? Созреваме? Верувам дека пред неколку години имавте сосема поинакви претстави за актерството, за комерцијалното и за елитното.
- Пред се', промените се неизбежни во секое време и најстрашното е ако не се случуваат. Лично сметам дека секој уметник треба самоиницијативно да ги поттикнува промените, зашто нема друг избор. Тука се мери неговата креативност, слобода... Созреваме? Не наполно. Има уште... За мене секогаш ќе има уште... Така до крајот на бескрајот. Всушност, ништо не се менува според своето значење: ниту актерството, ниту комерцијалното, ниту елитното. Проблемот е можеби во разбирањето на овие поими, зашто личните ставови се предодредени на пропаст, денес и полемиките не значат ништо. А можеби е најопасно да ги дефинираме поимите. Денес имаме најмногу дефиниции, а всушност може лесно да ни се застарени или, пак, да немаме најнови претстави за нив. Затоа треба многу внимателно да се оперира со дефинициите и претставите за нив.
Дали тоа што редуцирано Ве има во медиуми е Ваша одлука, или е во прашање инерција на новинарите - најчесто да бараат едни исти и тоа најчесто да се пејачите со понов датум на производство?
- Сметам дека имиџот на секоја јавна личност зависи и од тоа каде и колку се појавува. Не паметам дека сум се појавила некаде без повод и што не е поврзано со мојата професија, зашто оние медиуми кои будно ме следат се исклучиво од областа на културата и секогаш знаеле достојно да ме претстават кога се работи за моја нова улога, режирана претстава, филм или сл. Значи, не станува збор за никаква инерција од страна на новинарите, туку, напротив, одлична соработка во последниве неколку години. А, пејачите се друга категорија, не?
Актерството како примарна професија, а режијата како секундарна. Што Ве привлече кон режијата? Раскажете ни нешто за периодот во Русија, колку влијаеја на Вас руските зими, што Ви е асоцијација за тој период?
- Сето беше еден процес, кој можеби уште трае. Се случи во Русија, каде што традицијата за театарската уметност е голема, затоа и таму сакав да магистрирам. Најубавиот и најинтензивниот период во мојот живот. Секогаш останувам на релација со Русија. Руските зими и се' друго се навистина многу инспиративни, убави, неверојатно живи. Ви останува во паметење повеќе бајковидноста одошто студот. Интензивно живеење, многу народ, културни настани, преубава архитектура, конкретно во Санкт Петербург каде што престојував. Секако, ја има и онаа друга страна - кога гледате дека времето „пребрзо лета“, постојано се брза некаде, каде што борбата за живот е безмилосна.
Што Ви е возбудливо во режирањето, а што во глумењето? Колку се поврзани до крајната цел овие две професии?
- Возбудата многу зависи од конкретната претстава или улога. Секогаш почнувате отпочеток, истражувате, размислувате, замислувате, пробувате... Поврзани се овие две професии, но и различни се. И тоа многу. Но, релацијата режисер - актер и обратно ми е најважна. Од тоа и зависи како ќе се роди претставата. Најважна ми е, зашто, пред се', сум актер и знам што значи тоа. Но, и тоа не ви е предуслов да направите добра претстава.
Веројатно често Ве прашуваат, ама ако не го поставам прашањето - ќе ми забележат. Вашето презиме, Вашиот татко... Ама и детството, енергијата, поврзаноста...
- Точно, мојот татко беше актер, Шишман Ангеловски. Неговите обожаватели се' уште ми зборуваат за него прекрасно. Жал ми е што многумина актери прерано заминаа од таа генерација, лесна им земја. Двајцата родители ми се неверојатно харизматични, не сум пристрасна, мајка ми е се' уште таква, полна со дух. Имав прекрасно детство, чии фантазии ми се исполнија. Брзо созревав како дете за да сфатам дека и како возрасен човек мораш да продолжиш со фантазиите. Само така можеш да одиш напред.
Колку работата може и знае да крепи?
- Мојата работа многу знае, тоа е веројатно така затоа што ја сакам.
Постои ли точка на презаситување во кариерата и кое е чарето тогаш? Што е најдобро да се направи?
- Се' зависи каде ви е фокусот, а кариерата си тече, вака или онака кога работите. Најважно е да си бидете интересен и секогаш нов, полн со изненадувања и за себе самиот. Така ќе бидете и за другите. Тоа се вика инспирација, а секој ја пронаоѓа во лични, индивидуални нешта.
Колку љубовта може и вреди да биде инспирација?
- Љубовта е присутна секогаш и насекаде, а инспирацијата е поврзана со неа. Врвното ремек-дело е таа, најблискиот феномен до совршенството. Затоа си пресреќен кога ја имаш и дарбата да љубиш е можеби најголемиот благодат на човекот.
Што мислите за нашите, ама и за комшиските филмови...? Какви филмови сакате и, воопшто, што можете да гледате и во реприза?
- Сакам да следам се' што се случува во областа на филмот, но, сепак, повеќе ме возбудуваат уметничките филмови, значи авторски, режисери кои ги следам или, пак, она што е сосема иновативно во филмската индустрија. За мене, филмовите се филмови, било да се наши или на соседите, европски, американски, руски, турски, јапонски итн. Постои добар или помалку добар филм. Има еден филм на Никита Михалков, кој е направен многу порано од „Изгорени од сонцето“, а се вика „Неокончанија пиеса длја механическово пијано“ (Платонов). Тој го имам гледано безброј пати, како и многу други филмови, влезени во светската кинематографска антологија.
Не толку одамна се зборуваше дека убавите жени треба да бидат актерки. Колку и да звучи изветвено, ќе ве прашам - колку убавината е Вашиот сојузник? Колку Ви помага работата во животот?
- Ха, ха... сега ме насмеавте. Се сетив на една неодамнешна анкета од читателите на Кирилица за „најзгодна македонска актерка“. Јас го делев со една моја необично шармантна колешка ПОСЛЕДНОТО место со 2% од гласачите. Се чудам како сум влегла во таква категорија. И во овој контекст - прашањето не Ви го разбирам. Ќе ја кажам мојата омилена реплика - животот е полн со нејаснотии.
Ако не убавината, тогаш - добрината. Мислите ли дека со добрината може да се смени светот? Правите ли компромиси и со кого најчесто?
- Најпрво треба самиот свет да се смени за да му повлијае добрината. Некој треба да ја види таа добрина, да ја препознае. Тоа е најтешко. Полуденото куче гледа непријател и кон својот најдобар газда. Затоа, пред се', треба да се зачува здравиот разум. Најголем компромис досега сум направила со сопствениот живот.
Што Ви беше најсмешно во годината што тече?
- Моите екстремно сериозни ситуации во животот, кои сега ми се смешни.
Ја сакате ли самотијата, дали Ве фаќаат типичните паранои - страв од смртта, староста, немоќта?
- Повеќе сакам да размислувам за животот, за младоста и за моќта, да бидам вистински свесна за нив.
Тогаш... Што може најубаво да му се случи на еден човек?
- Да има добро здравје, да подарува љубов, да ја споделува среќата со најблиските. |