Болнички директори може да одат в затвор
Јасмина Јовановска
Поради криминал околу набавка на лекови, околу десетина директори на болници може да завршат во затвор. Болниците, како што дознаваме, ги купувале лековите, меѓу кои и цитостатици, од 10 до 30 отсто поскапо од максималните цени што ги утврдила државата. За утврдувањ�� на евентуалните злоупотреби, сега на потег е МВР и Јавното обвинителство, кои ги чешлаат извештаите од контролата на болниците што ја правело Министерството за здравство заедно со Фондот за здравствено осигурување. Со контролата биле опфатени 21 здравствена установа, и тоа четири клиники: за дигестивна хирургија, за торакална хирургија, за детска хирургија и онкологија, потоа Градската болница „Св. Климент Охридски“ во Скопје, трите клинички болници во Тетово, Штип и Битола, и општите болници во Гостивар, Струмица, Кочани, Демир Хисар...
Иако Министерството за здравство се пофали што откриле со контролата, министерот Бујар Османи, сепак, не сакаше да открие кои се болниците што имале системски пропусти. „Во интерес на истрагата, не е добро да се кажат имињата на болниците“, се оправда министерот Османи. Но, затоа најави дека од 21 директор поради лошо менаџирање, ќе бидат разрешени од седуммина до десетмина директори, како и Управни одбори. На листата за разрешување, како што дознаваме, се директорите на болниците во Гостивар, Струга, Куманово, Прилеп, Штип, Здравствен дом во Тетово, како и управните одбори на битолската и на Психијатриската болница во Демир Хисар. За оние менаџерски тимови за кои ќе се утврди дека направиле и криминал, Владата за првпат препорачала да понесат лична и материјална одговорност, односно да може да завршат в затвор и за направената штета да им се одземе имотот. Во иднина, за да нема злоупотреби со тендерите, Бирото за лекови ќе треба до први ноември да направи инспекција во сите здравствени установи, веледрогерии и фармацевтски куќи.
Контролата, како што објасни министерот Османи, била направена за да се утврди дали долговите што ги генерираат болниците се објективни зашто им се мали буџетите или поради лошо менаџирање. Пропусти имало и во исплатата на платите, пред се', зашто не бил почитуван колективниот договор. До 15 октомври здравствените работници, кои лани зеле поголема плата од онаа со колективниот договор, треба да го вратата вишокот пари. Но, Османи, исто така, не сакаше да открие за колку е оштетена државата со овие неправилности.
Контролата, според директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева-Змејкова, покажала дека со парите полошо менаџираат општите болници отколку клиниките. „Половината од контролираните болници со подобро менаџирање има можност да работат без долгови“, објасни Парнарџиева-Змејкова, која по извештајот за работата на болниците, смета дека сигурно ќе се зголеми контролата на набавките, но и на работата на управните одбори. За подобро менаџирање на директорите, како што дознаваме, им се подготвува обука за тоа како да набавуваат.
На прашањето дали со ваквите мерки државата сосила ги тера болниците да не работат за да не прават долгови и да не бидат на црната листа на должници, министерот Османи вели дека не е така, туку дека менаџерите не треба да имаат алиби за непочитување на законите. |