Најмоќни жени
Мишел Обама ја лизна Ангела Меркел од тронот
Првата дама на САД, четириесет и шестгодишната Мишел Обама, ја симна од тронот четирикратната носителка на титулата, германската канцеларка Ангела Меркел, искачувајќи се во врвот на листата на најмоќни жени во светот, според американско��о списание „Форбс“.
„Мишел Обама се наоѓа на водечката позиција на листата на 100-те највлијателни жени на планетава поради тоа што се' уште е популарна во општеството како прва дама, како и поради кампањата за водење здрав начин на живеење и борбата против вишокот килограми меѓу децата. Таа се грижи и за прашањето околу проблемите на семејствата на американските војници. Многу повеќе е вплеткана во политиката од Лора Буш, но, за разлика од Хилари Клинтон, се трга настрана од тврдата политика. Таа е модна икона и атлетски градена мајка на две ќерки“, пишува „Форбс“ за сопругата на Барак Обама.
Меѓу бројните политички личности, деловни жени и естрадни ѕвезди, веднаш по Мишел, на вицешампионската позиција се најде Ирене Розенфелд, извршен директор на компанијата „Крафт фудс“, додека третата позиција ја зазеде американската телевизиска водителка Опра Винфри, која најави дека наредната година ќе го заврши своето популарно телевизиско шоу кое се емитува цели 25 години. Како четвртопласирана се најде германската канцеларка Ангела Меркел, која лани се наоѓаше во врвот на најголемите моќнички. На петтото место е позициониран американскиот државен секретар Хилари Клинтон, по неа следува Индра Нуи, извршниот директор на компанијата „Пепси Ко.“, додека на седмото место е контроверзната поп-пејачка Лејди Гага. По неа доаѓаат извршниот директор на австралиската финансиска компанија „Вестпак банкинг“, Гејл Кели, пејачката Бијонсе и актерката и ТВ-водителка Елен де Џенерис.
Меѓу 100 највлијателни жени во светот се наоѓаат и Анџелина Џоли (21. место), Мадона (29.), Карла Бруни-Саркози (35.), Хајди Клум (39.), британската кралица Елизабета втора (41.), Сара Џесика-Паркер (45.), тенисерката Венус Вилијамс (60.), аргентинската претседателка Кристина Фернандес (68.), кралицата на Јордан, Ранија (76.), претседателката на Костарика, Лаура Чинчила (83.), кандидатката за претседател на Бразил, Дилма Русеф (95.)...
ТОП 10
1. Мишел Обама
прва дама на САД
2. Ирене Розенфелд
извршна директорка на компанијата „Крафт фудс“
3. Опра Винфри
кралица на ток-шоуата
4. Ангела Меркел
германска канцеларка
5. Хилари Клинтон
американска државна секретарка
6. Индра Нуи
извршна директорка на компанијата „Пепси Ко.“
7. ЛеЈди Гага
пејачка
8. ГеЈл Кели
извршна директорка на австралиската финансиска компанија „Вестпак банкинг“
9. БиЈонсе
пејачка
10. Елен Де Џенерис
актерка и ТВ-водителка |