Панорамско тркало за поубав поглед на „Скопје 2014“
Панорамата е предвидена со последната усвоена урбанистичка верзија за центарот на градот
Деспина Трајковска
Педесетметарско панорамско тркало ќе се гради во срцето на Скопје за да може да се врши панорамско разгледување на градот. Како атракција, функционално здание или, пак, сосема нелогично решение, ова е една од најновите градби предвидена со последната верзија на ДУП „Мал ринг“. Планот завчера доби зелено светло од Советот на Центар, кој, практично, урбанистички го исцртува владиниот проект „Скопје 2014“. Со новата верзија на ДУП, која не беше поддржана од советничката група на СДСМ, се даде виза и за оспоруваната барокна катна гаража, триумфалната капија, подземните паркинзи од левата страна на Вардар...И тоа, наспроти се' уште актуелните негативни реакции од граѓаните, од Асоцијацијата на архитекти, но и од „Телеком“, Комерцијална банка и МПЦ.
Тркалото, очигледно, како дел од проектот „Скопје 2014“,предвидено е да се изгради во зелениот појас што ќе се простира покрај кејот на десниот брег на Вардар, меѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“. Ова, всушност, е новина зацртана во последната верзија на ДУП „Мал ринг“, со која, практично, се бришат претходно планираните седум споменици и спомен-обележја на тој потег.
Кој и кога ќе го гради панорамското тркало и дали можеби во тој реон ќе никнуваат и други градби, со оглед дека во градежниот реон има значително празен простор, од Центар вчера не одговорија. Но, затоа веќе е јасно оти Општината остана глува на основаните реакции во јавната анкета за „Мал ринг“. Не прифати ниту една од 56 забелешки. Меѓу нив, освен оние што се однесуваат на триумфалната капија, со барање да не се гради оти не соодветствува во просторот и што е најважно, се наоѓа на излезот на подземниот коридор, општинарите ги отфрлија и забелешките на „Телеком“ и на Комерцијална банка, како и на МПЦ. И двете компании реагирале дека дел од градбите од „Скопје 2014“ ќе им го нарушат функционирањето, додека црковните власти, пак, забележале дека за верниците не е обезбеден директен надземен пристап до црквата „Свети Димитрија“.
Во случајов, Советот на Центар „ја исправи“ грешката единствено пред уставните судии, кои летово го поништија предметниот ДУП. Сега го донесоа планот во редовна постапка, но се докажа дека таа била чисто формална, за што обвинија и од советничката група на СДСМ. Координаторот Јован Тагасовски посочи дека не била земена предвид речиси ниту една од 56 забелешки изнесени на јавната анкета за планот, кој за експресно време мина и низ редовна постапка, што не е случај со други ДУП-ови. Тагасовски повтори оти СДСМ смета дека „Мал ринг“ е визиониран партиски, а не урбанистички, за што доказ биле и неприфатените реакции од „Телеком“ и од Комерцијална банка, кои забележале дека дел од градбите ќе им го нарушат системот за работа.
„Комерцијална банка може да се соочи да го прекрши Законот за банки доколку се изгради подземниот паркинг, кој зафаќа дел од трезорот, со што банката ќе има сериозен проблем во трезорското работење. Со проблеми би се соочил и „Телеком“ поради двете катни гаражи предвидени во негова близина. Недозволиво е што не се земени предвид и забелешките на стручната јавност против триумфалната порта, која е предвидена на трасата на подземниот коридор, точно на местото на кое сообраќајницата излегува на ниво на терен“, посочи Тагасовски.
За неговата советничка група е недозволиво и тоа што планот го негира речиси целото зелено во Паркот „Жена-борец“ под што е предвидено да се гради голем подземен паркинг.
Од „Телеком“ потврдуваат дека доставиле забелешки за ДУП „Мал ринг“, но поради новонастаната ситуација, допрва ќе одлучуваат дали и како ќе реагираат. Во случај на изградба на барокната катна гаража и таа кај МЕПСО, компанијата би се соочила со нарушување на безбедноста и на виталноста во функционирањето.
„На местото на предвидените градби има вкопана цистерна за гориво за потребите на компанијата, а таму се сместени и сите телекомуникациски системи што се од витално значење за државата. Истовремено сметаме дека новите градби би ги попречиле и пристапите до дирекцијата“, ги објаснуваат своите забелешки од „Телеком“. |