Дом на Арм
„Барток - Зографски“ на „Скопско лето“
30.06.2011, 15:15
Пијанистите Марија Вршкова и Никола Паскалов и перкусионистите Зоран Спасовски и Кристијан Христовски, го чинат новоформираниот состав кој вечерва пред македонската публика ќе претстави мошне интересна музичка програма. Нивниот концерт насловен „Барток - Зографски“, кој ќе се одржи во Домот на АРМ во 21 часот како дел од содржините на „Скопско лето“, е прв нивни заеднички настап, но велат, се надеваат оти ќе продолжат да функционираат како квартет и во иднина. Станува збор за спој на музичари со зад себе навистина завидни биографии, чии настапи, на секој од нив поединечно, секогаш оставаат силни импресии.
Вечерва ќе бидат изведени две врвни дела, две сонати кои креираат значаен сегмент од музичкиот неокласицизам - Соната за две пијана од македонскиот композитор Томислав Зографски и Соната за две пијана и удиралки од унгарскиот композитор и пијанист Бела Барток. Зографски е еден од првите македонски автори кој ги внесува на ова тло елементите на неокласицизмот, со тоа доб��ижувајќи ги светските трендови, додека Барток, особено со оваа Соната што вечерва ќе биде изведена, ги дал насоките на овој правец во европската музичка фела. Ова негово ремек-дело (1937) е едно од најизведуваните и претставува предизвик за интерпретаторите поради интересната комбинација од инструменти.
|