Лет до Венеција за 26 евра
Со „Виз ер“ од септември македонските патници ќе можат да летаат за 26 евра до Венеција, а авиобилетот до Лондон чини 35 евра
Сања Наумовска
Македонските граѓани едвај ги дочекаа евтините авиобилети. Првата нискобуџетна авиокомпанија на нашиот пазар, „Виз ер“, вчера информираше дека над 8.000 патници резервирале карти за двете дестинации кон кои лета оваа компанија. Пред десетина дена беше реализиран првиот лет на „Виз ер“ до Лондон, до каде што билет во еден правец чини 35 евра. До Венеција, пак, македонските патници од септември ќе можат да летаат за 26 евра. До крајот на годината поради прифатливите услови за патување од „Виз ер“, очекуваат бројот на резервации да се искачи на 20.000. „Ова е само почеток на понудата на авиобилети со ниски цени за македонските патници. Моментно ги разгледуваме нашите развојни планови за Македонија и веројатно е дека за неколку месеци ќе се вратиме со конкретни предлози за поврзување на Скопје со некои нови дестинации“, истакна вчера претставникот на „Виз ер“, Ѓорѓи Абран.
Во потенцијалните нови дестинации за евтини летов��, сепак, не влегуваат Виена и Будимпешта, иако имаат најфреквентни аеродроми во Европа, преку кои најчесто патуваат македонските граѓани. Овие градови, нагласи Абран, немаат нискотарифни аеродроми преку кои оперираат овие компании, но понудата за нови дестинации на „Виз ер“, секако, ќе биде најмногу детерминирана од побарувачката и од потребите на македонскиот авиопазар. Абран информираше и за дополнителните услуги, кои им ги нуди оваа компанија на своите патници. Во цената на билетот се вкалкулирани и трошоците за такси и за букирање, а патникот треба да доплати само ако има дополнителен багаж, освен рачниот. За 30 евра годишно се станува член на клубот „Виз ер“ со кој се обезбедуваат пониски цени на билетите, а со одредена доплата може да се обезбеди и дополнителен слободен простор околу седиштето, брзо чекирање и бординг и измена на датумот на летот.
Летово скопскиот и охридскиот аеродром ќе се поврзат со нови дестинации откако неколку авиокомпании најавиле дека се заинтересирани да почнат да работат. Како што најави Мурат Орнекол, генерален оперативен директор на концесионерот ТАВ, турската нискобуџетна компанија „Пегасус“ од август ќе не поврзе со Истанбул три пати неделно и со Измир два пати неделно. „Ер Берлин“ од јули ќе лета кон Цирих, а „Бел ер“ кон Анкона и Венеција. „Туркиш ерлајнс“ ќе го зголеми бројот на летови од 7 на 10 неделно. Охридскиот аеродром од мај преку летовите на „Фин ер“ е поврзан со Финска, а од јули трипати неделно ќе доаѓаат туристи од Амстердам. Според директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсовски, влезот на „Виз ер“ на македонскиот пазар е доказ дека потенцијалот на воздушниот транспорт во Македонија е добар и оти има нагорен тренд за што говорат и статистичките податоци за зголемување на бројот на патници за над 20 отсто во изминатите месеци. Летово, според Мојсовски, се очекува бројот на патници да се зголеми до 30 проценти.
„Како Агенција за цивилно воздухопловство ги поддржавме сите активности во насока на развојот на воздушниот сообраќај и направивме напори за регулаторните и административните промени со цел да се овозможи што повеќе авиокомпании да оперираат на повеќе дестинации. Доказ за тоа е зголемениот број на авиокомпании кои ќе оперираат ова лето“, рече Мојсовски. |