Личности
Кристин Лагард, нова шефица на ММФ
Со доаѓањето на Кристин Лагард на чело на Фондот продолжува традицијата Светска банка да ја водат Американци, а ММФ Европејци
Александрија Стевковска
Кристин Лагард, влијателната француска министерка за финансии, е новата извршна директорка на Меѓународниот монетарен фонд, преземајќи со тоа една од најмоќните функции во глобалните финансии. Нејзиното именување доаѓа во време на влошена должничка криза што ги потресува пазарите на капитал низ светот. Таа е избрана со консензус од 24 члена на Извршниот одбор на ММФ. Со доаѓањето на Лагард на чело на Фондот продолжува традицијата Светска банка да ја водат Американци, а ММФ Европејци. Претходно за неа се изјаснија Европа, Кина и Русија. Од 11 лица што ја вршеле функцијата, Лагард е петти избор од Франција. Единствен противкандидат на Лагард беше гувернерот на Централната банка на Мексико, Агустин Карстенс. Лагард е избрана за мандат од пет години, почнувајќи од 5 јули. Изборот на Лагард, инаку прва жена на чело на оваа меѓународна финансиска институција, беше поддржан и од САД. Американскиот министер за финансии, Тимоти Гајтнер, објави дека САД ја поддржуваат Лагард, а тоа ја запечати нејзината победа.
„Исклучителниот талент и големото искуство на г-ѓа Лагард ќе обезбеди непроценливо лидерство во оваа незаменлива институција во критично време за глобалната економија“, рече Гајтнер во својата изјава. „Ние сме охрабрени од широката поддршка што таа ја обезбеди меѓу членството на ММФ, вклучувајќи ги тука и земјите во развој“, додаде тој.
Лагард ја презема оваа функција во деликатно време, по оставката на Доминик Строс-Кан, откако беше обвинет за силување во обид на хигиеничарка во хотел во Њујорк.
Како министер за финансии на една од најмоќните економии во Европа, таа беше во првите редови на обидите да се спречи европската должничка криза што ги натера Грција, Ирска и Португалија да побараат спас за да можат да си ги отплатат долговите.
Но, една година откако Грција обезбеди 110 милијарди евра од ММФ и од Европската централна банка, должничките проблеми на земјата повторно испливаа на површина во уште потешка форма. Иако земјите во развој се обидоа да го преземат лидерството врз ММФ од Европа, која го даваше секој извршен директор на оваа институција во последните 40 години, Лагард доби поддршка од САД, Европа и од Кина. Нејзиниот клучен аргумент беше дека само Европеец може да се справи со европската должничка криза. Лагард, веднаш по одлуката за нејзин избор, во изјавата за медиумите се осврна на најгорливата тема во финансискиот свет - должничката криза во Грција. Таа ги повика Грците на единство пред одлучувачкото гласање за програмата за штедење во земјата. Таа ја повика грчката опозиција да постигне национално единство со владејачката партија. „Во прашање е судбината на земјата“, порача Лагард. ММФ, покрај ЕУ, има значајна улога во пакетот финансиска помош за Грција.
Инаку, Кристин Лагард важи за политички исклучителна фигура во Франција. Консеквентна, јасна и концентрирана, така Лагард се гледа себе си и својот стил на работа.
Кристин Лагард Медлин Одета е родена на 1 јануари 1956 година. Таа е актуелна министерка за економски прашања, финансии и индустрија во Франција, назначена од францускиот претседател Никола Саркози во јуни 2007 год. Претходно таа била министерка за земјоделство и риболов и министерка за трговија во владата на Доминик де Вилпен. Лагард е прва жена што некогаш станала министер за економски прашања на Г-8 економијата. Позната трудова адвокатка, Лагард ќе остане забележана во историјата како прва жена претседателка на меѓународно правната фирма „Бејкер и Мекензи“. Во 2009 година списанието „Форбс“ ја рангира Лагард како 17. најмоќната жена во светот.
Педесет и петгодишната Лагард, која е поранешна корпоративна адвокатка, доби пофалби за своето умешно претседателствување со Самитот на министри за финансии од Г-20 и за комуникациските способности. Но, за разлика од Строс-Кан, таа не е економистка и, според некои аналитичари, најверојатно, ќе се бори за да го достигне нивото на неговото цврсто лидерство во управувањето со светската економија. Лагард влезе во политиката пред шест години. Во својата професионална кариера низ светот водела големи адвокатски канцеларии во Чикаго, Хонгконг и во Лондон. Поради тоа е единствена во француската влада што зборува англиски со совршен акцент. Во политиката е од 2005 година, а четири години подоцна „Фајненшенел тајмс“ ја прогласи за најдобра министерка за финансии во Европа.
Се сметаше дека единствена пречка за кандидатурата на Лагард за шефица на ММФ би можела да биде евентуалната одлука од случајот што се води против неа во Франција, каде што се соочува со обвинувања за злоупотреба на положбата. Судот на правдата на Републиката, специјално тело што им суди на министрите, ја испитува процедурата за спогодбата со Бернард Тапие, вредна 285 милиони евра. Поранешниот министер Тапие, кој веќе е осуден, во 2007 година ја поддржа изборната кампања на Никола Саркози. |