Скопје
Почина актерот Кирил Ристоски
30.06.2011, 13:32
На 63-годишна возраст по кратко боледување утрово во Скопје почина актерот Кирил Ристоски. Тој беше и декан на Факултетот за драмски уметности, актер со големо искуство и многу улоги што публиката ќе ги запамети.
Комеморацијата ќе се одржи утре во 11 часот на ФДУ, а во 14 часот ќе биде погребот на Градските гробишта Бутел.
Ристоски е роден на 14 ноември 1948 година во Прилеп. Дипломирал на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје. По дипломирањето една година работел во Народниот театар "Војдан Чернодрински" во Прилеп, а во 1978 година станал дел и од ансамблот на Македонски народен театар. Од 1998 година е избран за редовен професор на ФДУ.
Повеќе од 80 улоги се впишани во неговата актерска величина, речиси на сите сцени во земјава. Остави печат и со улогите во филмовите: "Пред дождот", "Црвениот коњ", "Јазол", "Тетовирање", "Тајната книга" и други.
Пред неполни два месеца ја имаше својата последна премиера во претставата "Бесови" на режисерот Златко Славенски на сцената на МНТ.
|