Грција кажа „да“ за спасоносниот пакет
По дводневниот трилер во Собранието, 155 пратеници гласаа „за“, 138 беа против, а петмина воздржани
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина – Со 155 гласа „за“ за новиот пакет мерки Грција ја изгласа сопствената и финансиската стабилност на еврозоната. ЕУ може малку да воздивне, а Грција на овој начин ја загарантира петтата рата од пакетот мерки и е чекор поблиску до вториот пакет финансиска помош од ЕУ. По дводневниот трилер во Собранието 155 пратеници гласаа „за“, 138 беа против, а петтемина воздржани. Секој од пратениците требаше поединечно и јавно да се изјасни „за“ или „против“ пакетот мерки што создаде вистински тензична атмосфера. Новиот пакет мерки на Јоргос Папандреу доби еден глас доверба од пратеничката на Нова демократија, Елса Папандимитриу, а го изгуби гласот и довербата на сопствениот пратеник Панајотис Курублис.
Тие, како што дознава „Утрински“, веднаш беа протерани од своите партии. Пеколот на атинските улици се разгори уште повеќе по неколку секунди, откако заврши гласањето со жестоки напади на Министерството за финансии. Група од 30 лица, вооружени со дрвени палки и метални прачки, ја нападнаа зградата на Министерството за финансии на плоштадот „Синтагма“. Беа искршени стаклата на влезните врати и на прозорците на погорните катови, но полицијата го одби нападот.
Дебатата и гласањето за новите мерки се одвиваше во една надреална сцена. Надвор од парламентот на плоштадот „Синтагма“ од раните утрински часови непрекинато се одвиваше вистинска војна меѓу полицијата и група маскирани луѓе. Центарот на Атина беше во чад од молотови коктели, шок-бомби и солзавец. Гостите од престижниот хотел „Кинг Џорџ“, кој се наоѓа на плоштадот „Синтагма“, беа евакуирани за секоја евентуалност. Полицијата стравуваше дали ќе има обиди демонстрантите да подметнат пожар во некој од објектите на главниот атински плоштад. Деновиве и сопствениците на угостителските објекти и на продавниците на скверот, превентивно ги затвораа објектите...
Вистински театар на апсурдот во грчкиот Парламент и надвор од него. Сега или никогаш, се' или ништо беа двете опции меѓу кои беше принудена да избира Грција за својата финансиска иднина. Изгласувањето и спроведувањето нов пакет мерки за штедење вклучува и приватизација на државни компании од кои Грција треба да заработи 50 милијарди евра или - губење на финансиската поддршка и прогласување банкрот. Тоа беа двете опции што ги понуди и грчкиот премиер, но и ЕУ и ММФ. Речиси и нема аналитичар што се сомневаше дека ќе пропаднат новите мерки и нема да бидат изгласани. Коментарите низ Грција беа дека дури и граѓаните (кои со недели протестираа) не би сакале да пропаднат мерките и од јули да нема средства за плати и за пензии.
Грција не ја гласаше само својата, туку и иднината на Европа затоа што од нејзината стабилност зависи и финансиската стабилност на еврозоната. ЕУ даде ултиматум: грчка послушност или ЕУ ја повлекува раката што помага бидејќи нема план Б за спас на Грција.
Европските политичари се веќе изморени од грчките ветувања што не се спроведуваат, па дури и да биде изгласан новиот пакет мерки, сепак, главното прашање ќе биде дали тие мерки воопшто ќе се спроведат и со колкаво задоцнување ќе се направи тоа. А, европската солидарност не може да трае засекогаш без да се добие нешто за возврат. Главното барање на ЕУ беше, конечно, да се види национален консензус од партиите за новиот пакет мерки, со што Грција ќе демонстрира сериозност во целата ситуација и ќе го подобри својот имиџ.
Меѓутоа, опозицијата и партиите од левицата не се согласуваа со мерките на владата на Јоргос Папандреу и одбројуваа денови до предвремените избори.
Лидерот на Нова демократија, Адонис Самарас, постојано одеше со тврдењето дека нема да се согласи со уште една грешка на Папандреу. Тој бараше рестартирање на економијата, поддршка на приватизацијата, но само ако повторно се отворат преговори со ЕУ и со ММФ за мерки за штедење и справување со грчкиот долг, што и за Папандреу и за светот е сценарио на утопија што не може да се оствари.
Самарас, кон кој се свртени сите европски стрели и критики како човек со популистичка политика и кој со својата тврдоглавост може втор пат да и' наштети на грчката овој пат финансиска иднина, јасно и гласно изјави дека не го поддржува новиот пакет мерки. Тој кажа отворено и наметна став на пратениците на Нова демократија дека ќе се гласа против новите мерки. Сепак, во текот на дискусијата пред гласањето, една пратеничка на Нова демократија одлучи да се оддели од партијата и да ја даде својата поддршка за мерките на Папандреу. Полиберална од Самарас беше Дора Бакојани, која истакна дека ќе биде воздржана, како и дека пратениците од нејзината партија се слободни да гласаат за кого сакаат. Новинарите коментираа дека доколку случајно се види ослабеност на гласовите „за“ кон помош на ПАСОК, сигурно ќе дојдат пратениците од партијата на Бакојани.
ЕУ без здив во изминатите два дена ја посматраше целата дискусија во грчкиот Парламент за да види дали Грција, конечно, ќе покаже зрелост во играта што ја започна со ЕУ и со ММФ. Портпаролот на еврокомесарот Оли Рен остана на цврстите ставови дека мора да се прифати планот, по што Грција релаксирано би ги добила петтата рата и новиот пакет финансиска помош. „За оние што шпекулираат дека има план Б, да им кажеме јасно: нема план Б за избегнување банкрот“, изјави портпаролот на Рен. „Ако Грција направи се' за да се постигнат целите договорени пред една година, продолжува европската солидарност. Ако не, тогаш целосно се менува текот на работите“, истакна портпаролот на Оли Рен, потенцирајќи дека никој не ни сака да размислува за Европска унија и за еврозона без Грција.
Оние што со денови протестираат на улиците тврдат дека сега, откако се изгласа планот, тоа ќе значи самоубиство за државата и за граѓаните и со намалувањето на платите и со приватизацијата на државните компании. Неизвесно е како сите ќе реагираат и дали ќе се разгорат нови, понасилни протести штом ќе помине планот на Папандреу и почне новото задолжување на Грција. (М.П.) |