Забава
За големи гради, задолжително прерамки
Стомак, кратки нозе, целулит... Сепак, можете да најдете костим за капење со кој ќе ги прикриете недостатоците
Сезоната на годишни одмори полека, но сигурно зема замав. Доколку не спаѓате во првата група на „раноодморци“, веројатно, костимите за капење ви се голем предизвик и проблем. Ништо ново, приказната се повторува секоја година, се бараат костими што ќе „скријат“ се' што треба, а ќе откријат понекој адут. Кога ќе се соочите со минимум материјал, речиси „крпче“, ретко некоја жена може да се пофали дека и' стои совршено.
Во бутиците нема некои драстични промени во дизајнот во однос на минатата година. Бикините се секогаш атрактивни, и тоа во живи бои. Тука се вбројуваат и спортските едноделни костими со тенки ленти во темна боја, во комбинација со војничко-зелена боја.
Во третата група спаѓаат „шминкерските костими“ за младите трентсетерки, изработени од многу фини материјали што лесно се сушат и со избрана комбинација на бои и со необични кроеви.
Ви даваме неколку совети што ќе ви овозможат од минимум да добиете максимум. Како и да го сфатите тоа.
И покрај тоа што се непрактични и покриваат голем дел од телото, сепак, на годинешната модна недела во Сиднеј модните дизајнери најдоа начин како овие костими да станат секси парчиња. Полупроѕирни и минималистички можат слободно да им конкурираат на дводелните костими и притоа да создадат илузија дека имате совршено тело.
Крупна градба
Длабокиот „V“ израз може да ви го смени изгледот. Темните бои во целост ќе одговараат, но не треба премногу да се сокривате. Најважно е да одбегнувате бела боја и тантели.
Градба „Jаболко“
Карактеристиките на овој тип градба се широки рамења и тесни колкови. Ќе ви одговара бикини во една боја што ќе ја намали широчината на рамењата. Не е препорачливо да носите малечки бикини гаќички како и горен дел во „V“ израз.
Атлетска градба
Силни рамења, струк и колкови со иста широчина ја одликуваат оваа градба. Пробајте го костумот за капење со горен дел на врзување или со шарка, која на кој било начин ќе ви го нагласи струкот. Одбегнувајте еднобојни и едноделни костими за капење.
Големи гради
За вашите гради да изгледаат цврсто, одберете костим за капење што ќе има корпи од полесен материјал. Најдобрата шарка е со цветови, а прерамките се задолжителни. Се препорачуваат костими со цврсти градници, со жица во конструкцијата и со прерамки. Така секогаш ќе изгледате спастрено.
|