Квитова против Шарапова во финалето на Вимблдон
30.06.2011, 18:36
Петра Квитова и Марија Шарапова ќе играат во финалето во сабота на Вимблдон откако попладнево забележаа победи против Викторија Азаренка, односно Сабине Лисицки.
Осмата носителка Квитова од Чешка во полуфиналето ја совлада четвртата фаворитка Азаренка од Белорусија со 2-1 (6-1, 3-6, 6-2 по сетови) во меч што траеше 1 час и 44 минути. Квитова минатата година стигна до полуфиналето на Вимблдон.
Во второто полуфинале, шампионката од 2004 година, Марија Шарапова од Русија ја порази Германката Лисицки со 2-0 (6-4 и 6-3 по сетови). Шарапова, која е петта носителка на турнирот, отпорот на Лисицки го скрши за 1 час и 27 минути.
Утре на програмата се машките полуфинални мечеви. Први на Централниот терен во 14 часот по македонско време ќе се појават Новак Ѓоковиќ од Србија и Жо – Вилфред Цонга од Франција, додека во второто полуфинале ќе играат бранителот на трофејот Рафаел Надал од Шпанија и Енди Мареј од Велика Британија.
|