Охрид
Пресудата за „Илинден“ на 5 јули
30.06.2011, 18:50
Пресудата за обвинетите во врска со случајот „Илинден“, капетанот Сотир Филески како првообвинет и застапникот на германски „Лојд“ Бранко Баиќ како второобвинет кому му се суди во отсуство, ќе биде изречена во вторник на 5 јули, одлучи судијата Милка Танеска, претседателот на судскиот совет што го води процесот.
На денешното последно рочиште што се води пред Основниот суд во Охрид страните во предметот ги изнесоа своите завршни излагања. Притоа, јавниот обвинител истакна дека од доказната постапка е утврдено оти обвинетите Сотир Филески и Бранко Баиќ се одговорни за делото за кое се товарат – „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и побара да им се изрече казна согласно законските прописи.
Застапникот на бугарските државјани кои ја преживеаја несреќата при потонувањето на „Илинден“ Никола Мујоски од судот побара на првообвинетиот капетанот Сотир Филески да му изрече алтернативна, а не ефективна законска мерка, затоа што, како што беше речено, тој сторил се што е во негова можност за да спаси што поголем број патници во критичниот момент, при што го жртвувал и сопствениот живот. Истовремено Мујоски, нагласи дека одговорноста за несреќата мора да се прошири и на администрацијата, односно државните служби, за кои рече дека доколку се степенува одговорноста, како првообвинета би била токму администрацијата, потоа овластениот претставник на германски Лојд, и дури на крајот одговорност да сноси капетанот на бродот.
Застапникот на семејствата за загинатите во несреќата, Ристо Петров, изјави дека случајот по предметот е мошне сложен, така што е невозможно остварување на оштетни побарувања во кривичен процес како овој што сега привршува во Основниот суд во Охрид.
„Одговорноста на „Германски Лојд“ започнува со недоволната контрола на овластените лица кои трбебало да вршат проглед на бодовите што пловеле по Охридското Езеро, конкретно на „Илинден“. Контролата затаила иако и сами заклучиле дека има пропусти уште и во 2006 година, истите ги констатирале, а потоа при издавањето сертификат за пловидба ништо не презеле во насока на нивно отстранување. Многу пропусти, но покрај обвинетите двајца, затаиле многу други“, рече Петров, истакнувајќи дека токму од тие причини односно постоење одговорност на други субјекти освен опфатените во овој кривичен предмет, правдата ќе се бара во друг посебен граѓански процес, со проширување на одговорноста.
|