25.04.2012, 15:40 Мислења
Новиот бран
Петар Арсовски
Новиот бран не го решава основниот проблем бидејќи не интервенира во политики��е, туку само во нивната имплементација
Таканаречениот „нов бран“, проект на ВМРО-ДПМНЕ, претставува еден исклучително интересен проект од областа на политичкиот маркетинг, кој заслужува одделна анализа и внимание. Прво, ако се суди по вниманието кое му се посветува од страна на власта, како и од провладините медиуми, може со сигурност да се заклучи дека тој претставува клучен маркетиншки проект на власта во пресрет на локалните избори.
Партијата на власт, очигледно, околу тој проект спроведува една интензивна пи-ар кампања, со одделни интервјуа, најави, изјави и активен притисок за држење на темата активна во медиумите. Дополнително, самиот проект е замислен како досега најголемо проветрување на владејачката структура од нивното ребрендирање во 2006 година. На крајот, зависно од тоа колку ќе биде успешен, тој проект може да се покаже како гума за спасување или пранги на нозете за власта.
Основното прашање при првичната анализа на проектот е: зошто толку театар? Зошто толку медиумско внимание и политичка важност му се придава на проект кој во својата суштина би требало да претставува една нормална, редовна пракса на секој меритократен режим. Или со други зборови, ако некои од функционерите на власта не работеле како што треба, на нивното водство или претпоставени им е редовен опис на работното место да ги евалуираат и, по потреба, да ги сменат. Значи, останува прашањето зошто власта толку се рекламира дека го прави она што и' е работа? Одговорот е малку покомплексен, но се надевам видлив.
Во основа, секоја потреба на граѓаните за промена на власта доаѓа од социолошкиот инстинкт на масите за промена на елитите. Секое општество, доколку доволно долго остане без промена на елитите, создава природна бариера меѓу општествените слоеви: оние кои се горе си ја штитат позицијата и остануваат горе, оние кои се долу никако не можат да напредуваат нагоре. Со други зборови, богатите остануваат богати, а сиромашните остануваат сиромашни. Така, аспиративната потреба за социјален напредок со текот на времето кај пониските слоеви (или во случајов, оние кои не се во структурите на власта) создава силна инстинктивна потреба за „замешување на чорбата“, за прераспределба на општествените ресурси и моќ, која се реализира преку револуција, или преку движење за промена на власта кај демократските општества.
Во Македонија течат истите процеси. Ние не сме општество во кое цветаат рози, напротив. Економската положба е тешка, животниот стандард опаѓа, блокирани сме во евроатлантските аспирации, општеството не гледа визија за иднината, а власта е фиксирана кај ВМРО-ДПМНЕ веќе шеста година. Тоа создава незадоволство по две основи: (1) кај електоратот, незадоволство од недостигот од подобрување на квалитетот на животот; (2) кај структурите во партијата на власт, незадоволство од фактот што моќта и ресурсите се концентрирани кај исти луѓе, додека другите партиски членови чувствуваат како тие да не се доволно блиску до „грнето со медот“.
Овие процеси, и внатре и надвор, ако се остават самите да течат, неминовно водат до потреба за смена на елитите (читај власта). Затоа, основната цел на проектот „нов бран“ е тие да ги пресретне, да наметне супститут за оваа очигледна потреба, супститут за потребата за смена на власта. Со други зборови, како што пишува „Вечер“, власта се обидува да претстави дека „новиот бран“ значи нова власт, па затоа нема потреба од промени.
Со таквата стратегија ВМРО-ДПМНЕ се надева дека ќе го амортизира незадоволството кај електоратот преку понудени жртвени јагниња од сопствените редови, а кај сопствените симпатизери ќе го намали незадоволството со тоа што за нови луѓе ќе обезбеди полесен пристап до „грнето“. Ова е сериозен маркетиншки потег, еден од најголемите по последниот таков ребрендинг, кој тие го направија пред 2006 година, кога ја сменија партиската боја, раководството и голем дел од функционерите.
Но, иако навидум изгледа интересен и симпатичен, овој маркетиншки потег е полн со ризици. Прво, најголем противник на овој проект е реалноста во општеството. Токму реалноста, нискиот стандард, нивото на слобода и демократија, недостигот од напредок и слично, се главните причини за овој маневар на власта. Но, овој потег нема да ги смени тие параметри. Нема одеднаш по новиот бран да станеме богати, членки на ЕУ и НАТО, безбедни, со високо ниво на демократија и безбедност, средени меѓуетнички односи, и така натаму. Напротив, се' ќе остане исто, ништо нема да се смени. Така, ваквиот маркетиншки маневар е однапред осуден на најмногу транзиторен, минлив ефект, пред реалноста повторно неумоливо да создаде ново и посилно незадоволство и потреба за смена на елитите.
Од друга страна, внатре во структурите на власта, за некого да поставите на некое место, од истото место треба да отпуштите некој друг, така што овој проект може да остави исто онолку нови незадоволници колку што ќе произведе нови функционери.
На крајот, можеби скриен, но најголемиот проблем на „новиот бран“ е што тој во основа претставува интервенција во политичкиот менаџмент, наместо интервенција во политичкото водство. Разликата изгледа мала, но е суштинска. Политичкиот менаџмент се занимава со ефикасноста на спроведувањето на политиките, додека политичкото водство се занимава со нивна формулација. Со други зборови, вториот ешалон и надолу, односно менаџментот, се грижи за дали тоа „локомотивата“ има гориво, доволно смени на машиновозачи, подмачкани тркала и колку километри на час се поминуваат.
Првиот ешалон, водството, се занимава со правезот во кој таа локомотива ќе вози. По таа логика, без оглед на тоа колку пати ќе се прави ремонт на локомотивата, ако таа вози во погрешна насока, проблемот само се продлабочува. Ако ова го пренесеме во конкретната ситуација, станува очигледно дека новиот бран не го решава основниот проблем бидејќи не интервенира во политиките, туку само во нивната имплементација. Имајќи предвид дека незадоволството кај електоратот е генерирано токму од стратешките насоки и правец во кои се движи земјата: економски, меѓународни, меѓуетнички и слично, тешко е дека овој проект нешто суштински ќе смени во сликата на реалноста, па и во расположението на граѓаните.
Конечно, колку и да се менуваат спроведувачите, тоа не ја подобрува сликата ако тоа што го спроведуваат во основа е погрешно.
(Авторот е магистер по политичка комуникологија)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |