26.04.2012, 17:19 Чинговски од ЕЛЕМ се сели во амбасада
Докторатот во Јапонија го однесе Влатко Чинговски во дипломатијата
Маја Томиќ
И Влатко Чингоски, првиот човек на државната ЕЛЕМ, заминува од фотелјата на можеби најбогатото претпријатија во државата. Според агенциски информации, Чингоски ќе оди како амбасадор онаму каде што докторирал, во Јапонија. Тој на чело на ЕЛЕМ дојде на крајот на септември 2006 година, кусо по изборите кога ВМРО-ДПМНЕ ја доби власта. Дотогаш работел во поранешно Електростопанство, како помошник- генерален директор за развој и инвестиции. Во неговата биографија стои дека завршил Електро-технички факултет во Скопје, каде што и магистрирал и работел како асистент неколку години. Во периодот од 1993 до 1996 година докторирал на Факултетот за инженерство при Универзитетот во Хирошима- Јапонија, а од 1999 година е и вонреден професор на тој факултет.
Чингоски дојде во ЕЛЕМ на местото на Панде Лазаров, откако ве��е беше завршена приватизацијата на претпријатието и делот - Дистрибуција беше продаден на австриската ЕВН, што се случи во времето на владата на СДСМ. ЕЛЕМ е соло-играч на енергетскиот пазар во земјава, за што најмногу придонесе донесувањето на финалната верзија на Законот за енергетика, во 2007 година. Иако една од главните цели на Законот беше токму рушењето на монополот на ЕСМ, поради што и се подели на три нови друштва, ЕЛЕМ, МЕПСО и Дистрибуција. Со тогашните измени во Законот, „Електрани“ стана истовремено и производител и трговец на струја. На ЕВН му продава струја по регулирани цени, вишоците ги продава на пазарот, дома или надвор, по пазарни цени, а увезува енергија преку тендери, во случаи кога нема доволно струја на пазарот. За тоа се даваат милиони евра годишно.
Во почетокот на директорувањето на Чингоски во ЕЛЕМ, пролетта 2007 година, излезе аферата дека за само шест месеци од неговото назначување ЕЛЕМ потрошил 500.000 евра за спонзорства. Податокот дојде од составот на тогашниот Надзорен одбор, чии членови повеќето беа од НСДП. Неколку дена подоцна беа сменети сите седум члена на НО откако Владата оцени дека ги пречекорил своите овластувања. Истовремено, Владата констатира дека информацијата не е точна, нема кршење на статутот на компанијата или каква било злоупотреба од страна на УО, односно на неговиот претседател, Чингоски.
„Чингоски не е самиот виновен за состојбите во енергетиката, затоа што тој слепо ги слушаше и ги извршуваше наредбите на Груевски. Нормално, поради досега одработеното, а и поради замор, Чингоски очекувано е награден, да се одмора како амбасадор во Јапонија. Очекуваме на негово место да биде поставен, нов, одморен послушник, кој со нови, свежи сили повторно слепо ќе ја спроведува погрешната политика“, обвини вчера Атанаско Туневски од СДСМ. Тој додаде дека поради лошата енергетска политика против Чингоски треба да се поднесат кривични пријави, а најмногу поради криминалот при сомнителниот увоз на скапа струја, неградењето енергетски капацитети, нереализирање на проектите „Чебрен“ и „Галиште“, „Бошков Мост“, „Вардарска Долина“ и други. Го обвини и за честите испади во РЕК Битола каде што и по модернизацијата на блоковите, истовремено се случи испад на сите три блока.
|