27.04.2012, 17:05 Метлата на ВМРО-ДПМНЕ заигра и во Штип
Први „жртви“ на партиското проветрување се првите луѓе на Здравствениот дом и на Агенцијата за вработување
Иван Бојаџиски
Штип – Во Штип кружи една анегдота. Откако Никола Груевски го најави кадровското проветрување и освежување, сите раководители на јавни претпријатија и институции по цел ден гледаат во факсот пред себе со надеж дека нема да заѕвони и да им ја донесе лошата вест дека се сменети. Некои оделе дури и доцна попладне во своите канцеларии за да се уверат дека апаратот не им јавил ништо ново.
Но, кадровските освежувања, најавени од владејачката партија, сепак, стигнаа и во градот под Исарот. Миодраг Миленковиќ и Снежана Маролова се првите „жртви“ на најавеното големо партиско вмровско проветрување во Штип. Миленковиќ вчера беше сменет од функцијата директор на Здравствениот дом, додека Маролова, нешто пред тоа не доби доверб�� од својата партија за нов четиригодишен мандат на раководната позиција во Агенцијата за вработување во овој град. Валентина Везенкова, дипломиран економист и стар вмровски кадар, го замени Миленковиќ на функцијата директор на Здравствениот дом. Везенкова не е ново лице во здравството, бидејќи беше директор по економски прашања во оваа институција се' до моментот кога Министерството за здравство не одлучи дека се премногу двајца директори во општинските здравствени установи. Тогаш предност му беше дадена на Миленковиќ. Во Агенцијата за вработување, пак, за в.д.раководител е именувана Катица Арсовска, кадар на партијата на Живко Јанкуловски ПОДЕМ. Тоше Тулиев, претседател на оваа партија, која е коалиционен партнер на ВМРО–ДПМНЕ, ни рече дека Арсовска сигурно ќе остане на оваа позиција.
Штипската јавност со нетрпение го очекува и (ре)изборот на директор на Клиничката болница, за што неодамна беше објавен и оглас. Според наши информации, на огласот се јавиле петмина кандидати, меѓу кои и актуелниот директор Панче Пуздерлиски, специјалист ортопед и довчерашен претседател на Општинската организација на Социјалистичката партија, кој на оваа партиска функција беше цели 14 години. Пуздерлиски, кој пет години е директор на најзначајната здравствена институција во источниот регион, самиот ни потврди дека е кандидат за старо-нов директор на Клиничката болница. Неговата кандидатура се смета за прилично цврста и поради тоа што министерот за здравство, Никола Тодоров, при посетата на болницата казни неколку медицински сестри и друг персонал за спиење во ноќна смена, додека работата на директорите Панче Пуздерлиски и Силвана Сичева ја оцени како добра. И Сичева ни потврди дека се јавила на огласот за нов мандат како економски директор на Клиничката болница, за што имало вкупно двајца кандидати.
Меѓу штипјани најголем интерес има токму за кадровската разврска во Клиничката болница, бидејќи чистката најавена од ВМРО–ДПМНЕ се случува во време кога на двајцата директори им истекува мандатот, па ако владејачката партија, наспроти позитивниот став на министерот Тодоров не е задоволна од начинот на кој овие штипјани ја менаџираат болницата, крајот на нивниот мандат може да биде можност за нивна елегантна смена. Иако овде мошне силно е верувањето дека и Пуздерлиски и Сичева ќе продолжат да ја менаџираат Клиничката болница.
Интересен момент во Штип е фактот дека едно испразнето раководно место долго време не се пополнува, бидејќи за него не постои никаков интерес меѓу кадрите на владејачката партија и коалиционите партнери. Се работи за местото раководител на штипската подружница на „Македонија пат“, која е од регионален карактер. Оваа позиција стои непотполнета подолго од три месеци, а информациите се дека неа никој не ја сака поради лошите состојби во јавното претпријатие. Имено, овде подолго време се штрајкува, во зградите нема струја, а и телефоните се исклучени поради неплатени сметки. Оттука за штипјани е интересен моментот кого владејачката партија ќе го присили да седне во оваа раководна фотелја.
Најавеното прочистување и проветрување во редовите на ВМРО–ДПМНЕ прилично ги вознемири раководни кадри во Штип. Нивниот страв од губење на позициите е евидентен. Тоа е и политичка тема број еден во градот под Исарот, па се говори дека луѓето на раководни позиции со многу неизвесност го очекуваат секој нов ден. Во Прилеп ќе бидат разрешени петмина локални функционери
Прилеп - Петмина локални функционери ќе бидат разрешени од раководни функции во јавни претпријатија во Прилеп. Ова го потврди актуелниот координатор на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, Гоце Ингилизов кој истакна дека оваа одлука што доаѓа од централата на партијата, е резултат на неколкумесечните анализи на шестгодишната работа на локалните функционери.
„Потребно е освежување. И кога се работи за квалитетни кадри, едноставно, по 6 години недостигаат нови идеи. А, во конкретниот случај ќе бидат разрешени раководни кадри кои покажале слаби резултати во работата, биле затворени за јавноста и за граѓаните, а јавните претпријатија постојат за да им служат на граѓаните“, изјави Ингилизов, не соопштувајќи конкретни имиња.
Од друга страна, на крајот на јуни истекува неговиот мандат како координатор на Општинскиот комитет. За оваа фунцкија, завчера, во централната на партијата, на интервју се појавиле вкупно 30 кандидати.
„Конкурираа 30-мина и се разбира, Извршниот комитет на партијата ќе одлучи дали ��е продолжи мојот мандат или ќе биде именуван друг координатор во Прилеп. Во секој случај, за квалитетот на кадрите одлучува партијата“, додаде Ингилизов. (М.Т.) |