27.04.2012, 15:31 Летонија ќе го поддржи членството на Македонија во НАТО во Чикаго
Ова денеска во Рига го истакна претседателот на Летонија, Андрис Берзинс, по средбата со Ѓорге Иванов, кој е во прва официјална посета на оваа балтичка земја
Летонија ќе го поддржи македонското членство во НАТО на престојаниот Самит во Чикаго, и целосно го става на располагање своето искуство за евроинтеграциониот пат на Република Македонија.
Ова на денешната заедничката прес-конференција во Рига, го истакна претседателот на Република Летонија Андрис Берзинс, по средбата со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов, кој е во прва официјална посета на оваа балтичка земја.
- Летонија е подготвена да го поддржи приклучувањето на Македонија во НАТО поради тоа што нејзиниот придонес особено како дел од меѓународните мировни сили е огромен и јас лично го истакнав ова за време на мојата посета на Авганистан во една од болни��ите, каде се сретнав со медицински персонал од Македонија. Тие играат значајна улога во Авганистан и во процесите коишто се одвиваат таму од 2002 година, потенцираше шефот на летонската држава на новинарското прашање дали Летонија е подготвена да го постави прашањето за Македонија на самитот во Чикаго, имајќи ја предвид пресудата од МСП, која е во корист на Македонија.
На средбата двајцата претседатели разговарале за продлабочување и унапредување на билатералните односи, за европските и евроатланските интеграции на Македонија, како и за наметнатиот спор од Република Грција за уставното име на Македонија.
- Разговаравме за тоа како за една пречка за нашето интегрирање и во НАТО и во ЕУ. Очекуваме поддршка и помош од секој наш пријател на претстојните Самит во поглед на тоа ако се отвори прашањето за проширувањето или зачленувањето на Македонија. Се надевам дека оваа посета ќе биде прилог кон добрите билатерални односи и дека нашите влади ќе почнат интензивно да соработуваат, ќе ја затвориме правната рамка и ќе се потпишат потребните спогодби за да можат нашите граѓани, бизнисмени, нашите студенти, професори, да најдат интерес за взаемна соработка, се со цел нашите земји да напредуваат и го користат потенцијалот кој го поседуваат, истакна претседателот Иванов заблагодарувајќи се за досегашната поддршката од Летонија.
На прашање од летонски новинар дали има напредок во решавање на спорот со името, претседателот Иванов истакна дека наспроти иницијативите од македонската страна, од Грција нема оптимистички најави дека е можно брзо решение на спорот.
- Има многу иницијативи од наша страна, бидејќи ние сме засегнати. За жал, од другата страна немаме некои оптимистички најави дека може да се дојде до решение. Преставникот од ОН, медијаторот Нимиц ги посети нашите две земји и иницираше средби на највисоко ниво. Но, поради актуелната ситуација во Грција и претстојните избори не очекуваме дека ќе добиеме некој позитивен и потврден одговор, вели Иванов.
Берзинс оцени дека Македонија од независноста до денеска има стекнато доволно искуство и капацитет да ги отпочне преговорите за членство во Унијата.
- Што се однесува до нас, ние би биле навистина среќни доколку можеме да ви помогнеме. Нашето искуство може да биде многу корисно за вас, за да ги избегнете грешките кои ни ги направивме, рече Берзинс, истакнувајќи ја сличноста меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели беше и економата соработка, пред се, можноста за нејзино продлабочување.
Од Летонија, Иванов заминува во работна посета на Литванија, како дел од неговата балтичка турнеја, во која главна цел е засилено лобирање во пресрет на самитот на НАТО во Чикаго.
|