29.04.2012, 11:11 Иванов: Летонија и Литванија се пријателски земји од кои можеме многу да научиме
Претседателот на Република Македонија по дводневната официјална посета на оваа балтичка држава
Летонија е пријателска земја која се труди да помогне во македонските европски и евроатлантски интеграции, бидејќи има чувство и разбирање за потребите на нашиот регион, оцени претседателот Ѓорге Иванов по неговата дводневна официјална посета на оваа балтичка држава.
- Летонија и Литванија се земји од кои можеме многу да научиме од аспект на нивното искуство во евро и евроатлантските интеграции, но и од тоа како се снаоѓаат во овој период во услови на глобална економска криза. Онаа очекувана поддршка од нив веќе ни е укажана и имаме можност да престојуваме во пријателски земји кои сакаат да помогнат, бидејки тие ги чуствуваат потребите во нивниот регион, но и можноста да помогнат на нашиот регион. ��танува збор за регионална соработка, размена на искуство на регионален план, но и поддршка и помош во сите наши заложби да бидеме дел од европското семејство, изјави Иванов на крајот од посетата на Латвија.
Тој додаде дека Македонија по подолг период отсуство, го обновува политичкиот дијалог на највиско ниво кој го отпочна претседателот Борис Трајковски пред 12 години.
Поддршката за македонското членство во НАТО вчера експлицитно ја потврди летонскиот претседател Берзинс, потенцирајки дека меѓудругото, Летонија го става на располагање и сето искуство во доменот на евроинтегрцаиите.
Од Кабинетот на претседателот Иванов истакнуваат дека по подолг период стагнација во билатералните односи меѓу Летонија и Македонија, посетата на македонскиот претседател отвора можност за почеток на интензивна владина соработка и збогатување на трговската размена меѓу двете држави.
Иванов оствари средба и со претседателот на Собранието на Република Летонија, Солвита Аболтина, на која беа потврдени заложбите на двете страни за натамошно проширување на меѓупарламентарната соработка.
Летонија и Македонија заеднички се заложија и за проширување на соработката во сферите на образованието, културата и здравството. По вчерашното потпишување на договорот за меѓународен патен сообраќај, денеска македонската страна иницираше потпишување на меѓудржавен договор и во сферата на културата. За ова подетално делегациите разговараа на работниот ручек кој го приреди летонскиот министер за култура, Жанета Јаунземе-Гренде.
Од Летонија, македонскиот претседател Иванов заминува во работна посета на Литванија, со што ќе ја заокружи неговата балтичка турнеја, чија главна цел е засилено лобирање во пресрет на претстојниот НАТО самит во Чикаго.
|