25.04.2012, 16:14 Глобалист
Кога врбата раѓа грозје
Љупчо Поповски
Уште не се исушени солзите на мајките во црнина во Радишани и Црешово, а ние најдовме нова агенда. По принципот на политичка разгледница, настаните се измислуваат секој ден. Тие не се случуваат, туку се измислуваат
Можеби принцот Алберт Втори од Монако еден ден ќе дојде во Скопје да види како е можно трите најскапи врби во светот да ги нема во неговата прочуена Ботаничка градина на високиот гребен во кнежеството. Можеби Алберт Втори ќе замислува како 30-метарските гранки ќе паѓаат надолу кон морето. Можеби... Можеби дотогаш овие сега кревки врби напојувани од скудната вода од Вардар ќе родат и грозје, како печат на сите чуда што се случуваат во Македонија. Тогаш владиката Агатангел ќе има целосно право да каже дека божествените чуда во последно време се случуваат навистина само во Македонија.
Тогаш и градоначалникот Коце Трајановски ќе може да им ја затне устата на сите неверни Томи кои се сомневале во градителските амбиции на оваа владејачка структура, затоа што ситното грозје на кревките, но издржливи гранки, ќе биде нашиот Давинчиев код за трансверзалата којашто уште пред две илјади години е повлечена од ридот Голгота до Водно.
Граѓаните кои беа интервјуирани деновиве на телевизиите свртени кон Вардар беа сто пати поингениозни, полуцидни и подиректни од реакциите на опозициските политичари чијшто бирократизиран речник велеше: „Ова е уште еден непродуктивен буџетски трошок...“ Граѓаните ја сфатија целата драматична бизарност на овој проект, кој нема буквално никаква врска со реалноста која не' толчи како камен. Всушност, овој проект го доведе до катарза целиот театар на апсурдот во кој сме вовлечени неколку години.
За да дојдеме до оваа катарза (која е можеби само премин до колективната нирвана) бевме поставени како на пистата во Монца да се соочиме со брзината на случувањата. Уште не се исушени солзите на мајките во црнина во Радишани и Црешово, а ние најдовме нова агенда. По принципот на политичка разгледница, настаните се измислуваат секој ден. Тие не се случуваат, туку се измислуваат.
Една недела премиерот Никола Груевски убедуваше дека во полицијата никогаш не се работело како сега за да се откријат ладнокрвните убијци кои ја доведоа Македонија во шок и најавува дека убијците „ќе зажалат“. Што го наведува премиерот на вакви закани кон некого кој нема ни лице, ни име, ни презиме. И кој знае дали некогаш ќе ги дознаеме нивните идентитети. Кога лани оној монструм од Осло, Андерс Брејвик, уби 77 лица, не слушнавме дека норвешкиот премиер Јенс Столтенберг му се закануваше на човекот што направи колективен масакр, дека ќе зажали. Норвежаните, а и европската јавност, секој ден без здив го следат судењето на Брејвик во Осло за да дознаат што го натерало монструмот да се впушти во такво масовно убивање и да можат да го превенираат можното раѓање на нови Брејвици.
Кај нас на сцена е речникот на покојната инквизиција. Зошто има да зажалат убијците кога ќе бидат фатени – ќе ги мачиме со инквизиторските справи „гарука“ или „тока“; ќе ги изведеме на скопскиот плоштад сите да ги плукаат и да фрлаат со камења по нив. Или ќе треба да организираме такво судење во кое непобитно ќе докажеме дека тие се убијците и ќе ги бараме вистинските мотиви и наредбодавци за овој злокобен чин.
Поранешниот шеф на дипломатијата, Антонио Милошоски, скриен зад волшепствата на „Твитер“, пушта ифтирии за смртна казна за нефатените убијци од езерото кај Смилковци. Откако го загуби министерското место, „Фејсбук“ и „Твитер“ се омилените политички арени на Милошоски (кој се' уште е на високи позиции во владејачката хиерархија). Оттаму е најсигурно – тоа е еден вид герилска политика: ќе кажеш нешто, ќе се отвори ден-два дебата, во тие денови ќе те снема скриен во најдлабоките сенки на виртуелниот свет и подготвуваш нов удар.
Во филозофијата на политичката разгледница на новиот удар не требаше да се чека долго. Тој дојде кога приказната за смртната казна беше незавршена. ВМРО-ДПМНЕ ќе предизвикал вештачки бран во неговите редови. За прочистување. Тоа нема да биде цунами, туку повеќе охридска далга која треба да ги исфрли на брегот алгите кои немаат за што цврсто да се фатат. Најавата и објаснувањата за внатрешното прочистување на владејачката партија се едни најконтрадикторните политички потфати на ВМРО-ДПМНЕ откако дојде на власт пред шест години. Оваа драмолетка нема никаква допирна точка со модерното сфаќање на политиката и во основа покажува дека ВМРО-ДПМНЕ ја губи кондицијата, фудбалски речено станува како Барселона – и натаму има одличен тим, но ја губи вол��ата за игра.
Советникот на претседателот на државата и важен член на партијата на екологистите која сака да ја обнови Македонија, може да им прераскаже да неговите помлади колеги како одеше прочистувањето пред точно 40 години на југословенските простори. Методологијата како да е прекопирана во нејзините основи, различни се само нијансите. Писмото на Јосип Броз-Тито и СКЈ од 1972 година за „чистење на нашата партија од кариеристи“ и за пресметка со либерализмот беше најавено со интервју на маршалот за загрепски „Вјесник“, а веднаш потоа беше објавено во медиумите како своевиден нов манифест на работничката класа. Советникот на претседателот на државава знае како беа тргнати од Србија Марко Никезиќ и Латинка Перовиќ; од Хрватска Савка Дапчевиќ-Кучар, Мика Трипало и Перо Пиркер; Од Босна и Херцеговина Осман Карабеговиќ и Авдо Хумо; од Македонија... Технологијата е неверојатно слична, главната работа треба да ја изнесат на своите рамења медиумите и смените стануваат агенда на политиката, а не на развојот на општеството.
Кога генералниот секретар на партијата што владее конечно излегува од својата опскурност за да го објасни бранот што треба да се произведе и ќе нагласи дека пет месеци се правеле анализи на оние што работат во вторите и третите ешалони – логичното прашање е зошто тие воопшто бил поставени на функциите по ланските избори во јуни. Па нема ни 10 месеци откако е формирана последната влада и се поставени неколку стотици функционери. Некои од нив уште честито не се запознале ни со описот на нивното работно место.
Се разбира, апсолутно легитимно право е на секој што владее да ги менува функционерите. Но, ако по толку кусо време најавуваш толкави смени, тоа значи или дека си поставил погрешни луѓе на тие позиции, или дека кадровските ресурси биле исцрпени, или дека со обемна кадровска вртелешка во пониските слоеви сакаш да ја повратиш кондицијата што ја губиш. Плус, најавата за толку големи кадровски ротации треба да биде еквивалент за исто толку големите пари со кои се задолжува државата, па новата политичка разгледница треба да биде поздрав до целото граѓанство.
Генералниот секретар Кирил Божиновски во интервјуто за „Дневник“ ја соопштува основната идеја која треба да му внесе нова енергија на ВМРО-ДПМНЕ: „И лево и десно, во секој спектар партијата се шири и веќе може да се каже дека прераснува во движење, движење чија цел е обединетост со и на народот“. Обидувајќи се да поентира, Божиновски вели дека тоа било модерен тренд во политичките партии на Европа.
Божиновски може да го праша неговиот шеф Груевски дали кога оди во Брисел на собирите на Европските народни партии, на масата покрај него седат лидери на движења или пак тоа се лидери на модерни политички партии кои се борат за остварување на политичките програми. Таму нема да најде политички лидери кои подготвуваат проекти за „обединување со народот“.
Во меѓувреме, самитот на НАТО забрзано доаѓа, како да е речиси задутре. Само шефот на дипломатијата Никола Попоски како осамен Мохиканец (со повремена поддршка на шефот на државата) ги крстосува светските метрополи носејќи ја под мишка папката со пресудата од Хаг. Попоски ги повторува истите реченици до последниот здив, но нив нема кој да ги слушне. Во политичката разгледница овде тоа веќе не е на врвот на агендата – време е народот и партијата да се обединат, како порано ССРНМ. |
|
Статијата е прочитана 1927 пати.
|
Испрати коментар
|
|
redot e obraten, 26.04.2012 00:31:49 | Na ovoj neuk narod mozhesh seneshto da mu raskazhuvash pa i gachki deka od partija se prerasnuva vo dvizhenje, koga sekoj, normalno obrazovan chovek, znae deka od dvizhenje se prerasnuva vo partija za da mozhe da vodi drzhava, a ne obratno. Ama Makedonija i se e mozhno |
| jovan, 26.04.2012 00:58:35 | Vo zemjata na cudata i toa moze da se sluci. Vrba da rodi grozje. |
| на врв брда врба мрда, 26.04.2012 01:53:54 | А кога ќе нагрнат туристи од целиот свет да ги видат спомен-врбите накитени со лампиони-пластични шишиња, а ние ќе ги дочекуваме со врбини букети и слатко од врбино грозје....леле, леле, - тогаш кој е како нас..Уметницата на ова дело како контра-коментар до народот кој со право се буни за астрономската сума, ни вели дека не сме се разбирале од возвишена и аваргандна уметност. Возвишена госпоѓо уметнице, со тие пари може да се направи засолниште за група Роми кои живеат во картони лоцирани 500 метри подоле од врбите, во такви санитарни услови што колера ќе бувне во градов.
|
| Селанец, 26.04.2012 03:58:13 | Шо ке ни е Палма де Мајорка, кога си имаме Врба де Вардарка. |
| Istocna Makedonija, 26.04.2012 06:51:18 | Koga ke se najdes vo lavirintot na imaginarni,vir-
tuelni,naucno-fantasticni ,,proektitogas,izlezot
od agonijata,konfuzijata tesko se gleda i od impro
vizcija se odi vo nova improvizacija.Eden den,mo-
zebi narodot ke doznae dali,genijalnite kreatori
ova svesno go pravele i veruvale vo ova,ili do
tolku sme bile potceneti deka,nisto ne znaeme,raz
birame,deka sme imbecilni?!A,onie slepite poslusni
ci,apologeti,po malku licat i na fanaticnite,isprani
mozoci na kutrite lu]e od S.Koreja,koi pagaat vo
trans od ,,genijalnostana golemite vodaci. |
| nato-jato, 26.04.2012 08:09:39 | More da bideme srekjni za proektot 3 VRBI na Vardar=250.000 eura, sto ako bese 300 VRBI na Vardar i 100 na Pcinja na primer... |
| Македонка, 26.04.2012 08:24:19 | Господине Љупчо, се што си напишал е токму така и верувам дека многу се согласуваат со тебе, сите разумни луѓе, на кои им е совршено јасно дека со пресудата од Хаг можеме само да си го избришеме носот, тој за ништо не вреди, зошто да вредеше, до сега тоа ќе се покажеше. Во својот живот толку приказни не сум се изнаслушала, оваа влада е мајстор за сценарија, така да кога еден ден ќе си заминат (ништо на овој свет не е вечно) може да одат во Холивуд и да предлагаат одлични сценарија за филмови, покрај бизнисите кои веќе си ги обезбедиле. |
| Трпе, 26.04.2012 09:44:01 | Врбите може да раѓат грозје,само во земји каде има власт со илузионистички способности.Аовој најавениот бран е сличен како децата кога во леѓен ја матат водата.Овие езерските бранувања водата ке ја префрлат во мирни мориња.Од морето водата ке се испарува и преку дожд дел ке се врака во езерата. |
| ФЕЛИКС, 26.04.2012 09:59:20 | Околу врбите е веќе се кажано,колку вредат, колку е безсмислен потегот со нивното засадување и опкружување со нерѓест челик , беспотребното трошење пари прекупотребни во овие ,,волнени времиња и т.н Но можеби треба да се даде покрај негативната оцена на целиот тој проект и малку повесела нотка.Да не градоначалникот на Скопје со овој просветлен потег сака да направи всушност метафора и на сликовит начин прикаже да ,,кога на овие три врби се појави грозје тогаш може да се надеваат Бихаќевците на освојување на власта,, |
| Dramoletkata prodolzuva, 26.04.2012 10:07:01 | Ovde se raboti za edna dramoletka , so edinstvena cel da go zamajuva narodot , koj i onka ni e prilicno neobrazovan i neinformiran i da go prenesuva tezisteto od eden nastan na drug, A nastanite ni se redat kako na fiulmska lenta.Se slucija cuda vo Sv Dimitrija, Agatangel mu go prevzede mestoto na Bicikliski kako portparol na VMRO-to,pa grozomornoto ubistvo kaj Smilkovci, pa tamerlanovi zakani na Gruja kon neotkrienite ubijci, pa najskapite vrbi od Ginis, pa izbor na anonimusi za sudii vo Ustaven, , pa golemiot bran koj treba da go prevenira zmorot na materijalost vo vlasta itaka redum. Z za onaj tviterdzija od Kicevo , sto da se kaze. Toj koga mozese da go navrede osnovopoloznikot na sovremeniot makedonski jazik Blaze Koneski , so takvi zbporovi, a ne mu e ni do gluzdovi.; Tesko na nas so vakvibezdarnici! |
| toto, 26.04.2012 10:53:28 | Za vakov narod / gragjani-glasaci / i ova e malku.Na napisot nema sto nitu da se dodade,nitu da se odzeme,se e tocno od A do S,samo popusto ovoj narod ima kratko pametenje i ropski mentalitet i tuka nema pomos.!! |
| samo rokoko, 26.04.2012 10:54:35 | Vo kontekst na napisot na profesionalniov novinar predlagam otsega da im se zabrani na site nashi umetnici da rabotat sovremena umetnost. Umetnici kako Abramovic i Kristo da ne smeat da imaat pristap vo nashite galerii. Dimitrova koja izlagala vo najpoznatite galerii vo Amerika, Evropa i Japonija da smee da gi izlozuva svoite dela sekade, samo ne vo Makedonija!
Samo leb i turski serii za ovoj narod! |
| od ostrijot, 26.04.2012 11:38:00 | sega vije jasno zosto imame golem ekonomski bum
kaj nas i vrbata raga grozde a dabot jabolki. |
| mile, 26.04.2012 16:29:21 | Овој шутрачки народ ништо подобро и не заслужува.............нели Феликс????? |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 15°C
Ведро
|
Петок
Ведро
Макс: 26°C, Мин: 8°C
|
Сабота
Ведро
Макс: 26°C, Мин: 9°C
|
|
|
|
|
|