29.01.2012, 17:56 „Чебрен“ и „Галиште“ уште без инвеститор, Владата да се доинформира
Продолжува неизвесноста околу „Чебрен“ и „Галиште“. Тие и натаму остануваат без инвеститор, бидејќи Владата се' уште нема доволно информации за да ја донесе конечната одлука.
Ова е епилогот од седницата одржана во саботата, на која Владата го разгледувала извештајот на стручната комисија што се однесува на понудите за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“.
Како што информираат од владиниот кабинет, заклучокот што се донел е да се побараат дополнителни информации од стручната комисија што ја спроведуваше тендерската постапка, кои потоа Владата дополнително ќе ги разгледува и ќе заземе конечен став.
Како што е познато, на тендерот се пријавија две компании - кинеската ЦВЕ и грчката ППС, кои ги исполнуваат условите објавени во тендерската документација.
При отворањето на двете понуди беше констатирано дека грчката ППС понудила 28 отсто од акциите во идните електрани да биде на ЕЛЕМ, додека кинеската корпорација ЦВЕ излезе со понуда од 40,5 проценти. Процентот одвоен за ЕЛЕМ е главен критериум на тендерот.
Пред неколку дена министерот за економија, Ваљон Сарачини, изјави дека очекува Владата на саботната седница да го каже последниот збор околу овој проект. „Очекувам да го добијам извештајот и веќе на наредната владина седница да го презентирам, по што Владата, конечно, треба да одлучи што ќе прави понатаму со овој проект“, рече тогаш Сарачини.
Одлуката околу оваа инвестиција повеќе пати беше пролонгирана. И последниот пат одложувањето беше поради потребното дополнително време заради суштинска и структурна анализа на понудите. (Ек.Р.) |