30.03.2012, 17:00 Уметнички дела со моторна пила
Охриѓанецот Борис Џепароски создава дела главно од масивно дрво на кое му дава душа
Охриѓанецот Борис Џепароски, кој животот го минува на релација Охрид - Франкфурт, каде што е на привремена работа, иако без претходно уметничко образование, создава дела главно од масивно дрво на кое му дава душа, велат неговите одушевени поддржувачи.
Борис Џепароски својата дарба ја искажува на невообичаен начин. Со моторна пила има изработено многубројни уметнички дела во својата Република Македонија, која неизмерно ја сака, но и во втората татковина и негов втор дом - Германија.
Пошироката јавност го запозна во 2006 година, кога ја изработи скулптурата на свети Наум во природна големина, на влезот од манастирскиот комплекс „Св. Наум“. Ја работеше на своја иницијатива, но со благослов и поддршка на отец Нектарије, старешина на манастирот. Набрзо стана вистинска атракција за посетителите. Самиот тој ја означува како негово врвно и капитално остварување.
„Скулптурата ја работев во еден интензивен занес, само петнаесетина часа со моторна пила, а беше осветена на празникот Богојавление - Водици во 2006 година. Јас не сум уметник по образование, ама сакам да создавам дела“, вели скромно за себе Борис Џепар.
Џепар се обидел и како дизајнер во изработка на камен. Во знак на голема почит кон Тоше Проески, тој изработи гитара од посебен вид бел и црн камен, која е поставена крај неговиот гроб во Крушево. (В.М.)
|