29.07.2012, 18:16 Летово „ќе одмора“ и владината фасада
Почетокот на реконструкцијата не е на повидок. Се чека на дозвола од Општина Центар, а се' уште се работи и основниот проект
Деспина Трајковска
Фасадата на владината зграда и летово ќе остане со препознатливиот лик. Нема да почне да се претвора во барокно здание, иако се најавуваше дека за време на летните одмори ќе стартува реконструкцијата на стаклениот објект.
Пари за фасадата има, барем за почетните фази, но, наводно, како што тврдат надлежните, се' уште се работи на основниот проект по кој објектот на „Илинденска“ бб ќе го смени сегашниот лик. Од владината служба за општи и заеднички работи допрва треба да добијат и дозвола од Општина Центар за планираните зафати и конечно да утврдат дали ќе има потреба додека траат работите на реконструкцијата владините функционери и администрацијата привремено да се иселат од таму, па во тој случај и да им најдат привремени простории за работа.
Но, тоа не значи, вели Васил Доневски, директор на владината служба, дека проектот е заборавен.
„Навидум ништо не се случува. Но, се прават анализи за тоа дали ќе има потреба од привремена преселба на вработените, а во меѓувреме на готовс сме да поднесеме барање за одобрение до Општина Центар, имајќи предвид дека општинарите го менуваа урбанистичкиот план. Авторите, пак, на идејното решение, кои го работат и основниот проект, деновиве привршуваат со својата обврска“, вели Доневски.
Тој дополнува дека нема никакви измени во идејното решение, кое беше избрано како урнек за обнова на фасадата на владината зграда, а чии автори се Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Нивниот предлог беше избран за најдобар по пат на онлајн-анкета во која граѓаните имаа можност да гласаат и за уште четири предлози, дел од нив модернистички, изведени во стакло, налик на постојната зграда, а дел изведени во мешани стилови.
Инаку, главната причина за промена на фасадата на владината зграда, како што тврдеа надлежните, е застареноста на постојната. Тврдеа дека шпекулација било оти идејата е и владината зграда да се вклопи во амбиентот на „Скопје 2014“. Наводно, застарената изолација и дрвенарија било главната причина фасадата да се реконструира. Обновата на надворешниот лик на објектот ќе биде прва интервенција откако објектот е изграден во 70-тите години на минатиот век. Досега, единствено се интервенирало во внатрешноста на владиниот дом. |