09.08.2012, 18:46 Едиторијал
Чија (не)одговорност е тетовското Ѓубре
Сања Наумовска
Само уште пожар на дивата депонија им беше кусо на тетовци за да можат да кажат дека деновиве ја живеат најголемата еколошка трагедија во нашата држава. Како да не беше доволно што со години се задушуваат во ужасна реа од расфрлано ѓубре, што не можат да отворат прозорец, ниту да ги пуштат децата да излезат надвор, сега не смеат ниту да дишат.
Ни криви ни должни, тетовци се заложници на неспособноста на локалните власти и на негрижата и игнорантскиот однос на централната власт. И, додека и едните и другите си имаат свои објаснувања, луѓето се чудат уште колку долго ќе треба да живеат со својот отпад пред врата.
Воздухот во Тетово, деновиве, по пожарот на депонијата има канцерогени додатоци, кои веројатно ќе се закануваат врз здравјето на жителите на градот под Шара уште долго време. Депонија среде град и тоа на екстремно високи температури е ужасното секојдневие на Тетово, на кое одамна требаше да му се стави крај. Секој што во последно време бил во овој град знае дека не мора да ја види депонијата, зашто нејзиниот отров се чувствува и на далечина од неколку километри.
Очигледно е дека локалната самоуправа со нејзиното јавно комунално претпријатие немаат капацитет да се изборат со отпадот што се создава во градот. Не е доволно ѓубрето да се собере од домовите, а потоа да се натрупа на куп речиси во центарот на градот и да се мисли дека работата е завршена. Депонијата на отворено со години е цел на пребарувачите по отпад, кои водени од инстинктот за преживување во неа гледаат извор на приход, но притоа не размислуваат за своето здравје и за заразите кои ги демнат и нив и нивните сограѓани.
И, ако пред некоја година за планината отпад на железничката станица во Тетово им беа виновни сите други, а најмногу Гостивар, кој ги затвори вратите на депонијата „Русино“ за тетовското ѓубре, сега тој проблем е надминат. Но, дива депонија во Тетово повторно има. Објаснувања како тоа дека тетовци создаваат повеќе ѓубре отколку што комуналното претпријатие може да транспортира до депонијата, дефинитивно не држат и не смеат да поминат како изговор за оправдување на една еколошка катастрофа.
Што му недостасува на Тетово за да се справи со своето ѓубре? Дали камиони за транспорт, дали вработени комуналци или пари? Кој и да беше од овие три проблеми досега мораше да биде решен. Ако на локалната самоуправа во Тетово досега не и' станало јасно дека има проблем, кој самите, очигледно не можат да го решат, тогаш требаше тоа одамна да му биде јасно на Министерството за животна средина.
Да се премолчува и замижува пред отвореното труење на еден цел град, е недозволиво. Какво фајде сега имаат фалбите на екологистите дека Македонија била лидер во регионот во усогласувањето на законите со европската регулатива, кога под носот им труе на ѓубре. Со кој европски закон ќе ја оправдаат практиката на исфрлање отпад сред град? Со кои аргументи ќе се поткрепи негрижата за здравјето и безбедноста на цел град која трае толку години?
Лесно е да дојдат инспектори, да прошетаат и да видат, можеби и да напишат казна за комуналното претпријатие, но ниту еднаш на централната власт не и' текна да се заложи за вистински да се реши проблемот. И, секако, да се спасат тетовци и нивното здравје.
Ако немаат камиони, аман, купете им, ако немаат вработени, има стотици илјади кандидати кои чекаат работа. Затоа што пожарот е последното предупредување дека состојбата е надвор од контрола. И конечно, и да се утврди дека бил подметнат од несовесни луѓе, тоа никако нема да помине како уште едно оправдување за нечија неодговорност. |