06.08.2013, 15:59 Новиот клинички центар готов до 2017 година
Центарот ќе има два блока, од кои едниот за сите медицински гранки, а во другиот ќе биде сместени лабораториите
Новиот клинички центар „Мајка Тереза“ кој ќе биде изграден на местото на старата Гинекологија, треба да биде готов до 2017 година. Според идејното решение тој ќе се состои од два блока со по 8 ката, со 40-ина лифтови за болни и за пренос на храна. Главниот блок ќе биде резервиран за сите медицински гранки, а во другиот ќе биде сместени сите видови лаборатории, заедно со трансфузија, дневните болници и центарот за дијализа. Двата блока меѓусебе ќе бидат поврзани со топли ходници, но и со новата Гинекологија од една страна, од другата страна со сегашните хируршки клиники, а од задната страна со онкологија.
Надвор од комплексот ќе останат само Детската клиника, каде ќе се префли и детската хирургија, Инфективната клиника, како и Стоматолошкиот клинички центар. Изградбата треба да почне првиот квартал идната година, а треба да биде завршен за три години. Објектот ќе биде со површина од 61.500 квадратни метри и ќе чини околу 70 милиони евра, од кои половината средства се кредит на 20 години од Банка за развој на Советот на Европа, а 50 отсто се контрибуција на државата.
Во клиничкиот блок ќе може да влегуваат само возила на брза помош, противпожарните коли, како и возила кои носат итни случаи за кои ќе има посебна лента за да стасаат до ургетниот центар, кој ќе биде во новиот објект. Посебна патека на движење ќе има за другите возила, кои дирекно ќе одат кон двете катни гаражи со капацитет од 1.250 возила. Едната ќе биде на местото на Институтот за ТБЦ кои ќе биде урнат, а другата до Инфективната клиника.
„Со новиот клинички блок не само што ќе се постигне поголем квалитет и сигурноста на здравствената заштита, помали трошоци, туку ќе се подобри и организацијата на работата, со што повеќе нема еден лекар да дежура на неколку клиники“, потенцира Тодоров.
„На првиот кат ќе бидат амбулантите на останатите клиники, дневната болница, дневна хирургија, ендоскопскиот оддел и четири нови операциони сали за трансплантација и кардиохирургија. Најгоре на осмиот кат е предвиден хелиодром“, рече министерот за здравство Никола Тодоров на денешната презентација на идејниот прокет кој го изработи италијанската фирма „Арен СРЛ“.
Посебно значајна придобивка за Тодоров е енергетската ефикасност на новиот објект. Надворешните ѕидови ќе бидат високо изолирани и обложени, со што ќе се вентилираат. Како интересен детаљ, Тодоров ги посочи зелените површини. „Во изборот на покривите кај првиот и вториот спрат се ориентиравме кон тераса со рамен кров, корисен, со широки зони на градини и определени пешачки патеки“, појасни Тодоров.
Од старите објекти ќе се уриваат интерните клиники, психијатриска болница на чие место ќе никне парк. Ќе остане Радиологија, која ќе биде наменета за администратувна зграда, како и Кардиологија каде се планира болнички хотел.(Ј.Ј.В.) |