17.02.2012, 14:38 Се шири листата на осомничени за „Калдрма“
На барање на Јавното обвинителство за организиран криминал истрагата за случајот наречен „Калдрма“ е проширена за уште едно лице. Станува збор за жена која е дополнително опфатена со истрагата и која откако била изведена пред истражен судија завршила во притвор. За злоупотреби на наплатните рампи по должина на Коридорот 10, Јавното обвинителство првично осомничи 92 лица за кои беа поднесени пријави за злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и овластувања, примање поткуп и фалсификување исправи.
„Истрагата за овој случај продолжува. Предметот е предаден за вештачење во Бирото за судски вештачења“, велат од Основниот суд Скопје 1. Предметот е предаден за материјално-финансиско вештачење уште пред десетина дена, по што се очекува да се утврди колкава штета е направена на патарините.
Приведените од наплатните места Петровец, Миладиновци, Отовица кај Велес, Стоби и Сопот се товарат дека го оштетиле буџетот за над 120 милиони денари, или два милиона евра. Во овој момент мерката притвор се' уште е активна за 58 лица, а за 27 на сила е алтернативната мерка куќен притвор.
„Веќе од понеделник бранителите на осомничените ќе можат да извршат увид во транскриптите на телефонските разговори на осомничените“, велат од скопскиот Кривичен суд. Од истрагата, која траела неколку месеци, обезбедени се видеозаписи во траење од стотина часови.
Вработените на наплатните рампи беа приведени во декември минатата година. Полицијата тогаш обелодени дека осомничените не само што успеале да обезбедат оригинална хартија на која се печателе потврдите за платен надомест за користење на автопатот, туку биле обезбедени и компјутери на кои бил инсталиран и софтвер,со кој се фалсификувале потврдите.
Што се однесува, пак, до случајот „Змиско око“ од 2007 година, тој доживеа фијаско откако најпрво падна судската пресуда и предметот беше вратен на почеток. Пред десетина дена обвинетите беа вратени на работа на патарините.(Љ.С.)
|