16.02.2012, 15:09 Филмот за нацисти кои ја напаѓаат земјата во фокусот на Берлинале
Научно-фантастичната комедија „Железно небо“ на режисерот Тимо Вуоренсола, се' уште крева прашина на „сериозниот“ Берлински филмски фестивал
Финската научно-фантастична комедија за нацисти кои ја напаѓаат Земјата, стана филм за кој најмногу се зборува на годинешниот Берлински филмски фестивал. „Железно небо“ е филмска сатира од Б класа што се емитува на фестивалскиот спореден настан „Панорама“.
Заплетот се врти околу група нацисти кои бегаат на месечината на крајот од Втората светска војна, за да испланираат нов напад. Но, тој е поставен во 2018 година, кога нацистички војник директно се соочува со американски астронаут. Фарсата ја дополнува американски претседател кој и повеќе од случајно наликува на поранешната гувернерка од Аљаска, Сара Пејлин, и поморски крстосувач наречен „УСС Џорџ В. Буш“.
Интересот за филмот е изненадување за Берлинале, бидејќи, велат критичарите, фестивалот повеќе е навикнат на сериозни теми. Сепак, привлечноста на „Желесно небо“ е поздравена од меѓународниот печат како знак дека Германците сега се помирени со нивното нацистичко минато. Локалните новинари, пак, се попретпазливи. „Иако слушнав дека публиката гласно се смеела, на моето емитување не беше така“, рече Керстин Сопке од „Асошиетед прес“. „Се' уште е деликатна тема тука, и треба навистина да се внимава како е направен. Јас бев малку претпазлив, но всушност мислам дека добро ја направиле комедијата. Вклучувањето на толку многу американска сатира кога има кампања за претседателски избори, е како држење огледало на нашето време.“
Продукцискиот тим на „Железно небо“ ја издвои теоријата за заговор дека нацистите имале напреден НЛО проект за време на Втората светска војна. Сепак, режисерот Тимо Вуоренсола, чие последно дело беше имитација на „Ѕвездени патеки“ наречено „Ѕвездени руини“, го опишува филмот како „глупава шега“. Поголем дел од финансиските средства за проектот од седум милиони фунти беа добиени со онлајн апели до фановите.
Инаку, филмот „Iron Sky“ премиерата ја доживеа на третиот ден на Берлинале. Црномурестиот американски астронаут Џејмс Вашингтон, кој го игра актерот Кристофер Кирби, се наоѓа на огромен комплекс во облик на кукасти крст, каде што е заробен. Во текот на неговата авантура сместена во 2018 година, неговата кожа ја побелува научник кој личи на Алберт Ајнштајн, по што се враќа на Земјата, каде што го дочекуваат како лудак... Сценариото е на самиот режисер, и на Мајкл Калеснико, додека музиката е на словенечката група „Лајбах“.
|