21.02.2012, 12:26 Македонија долго чека на отворање на преговорите
Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов денеска ги прими претставниците на Европскиот парламент и членови на групата „Пријатели на Македонија“, Ричард Ховит, Едуард Кукан и Алојз Петерле
Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, ги поздравил досегашните активности на групата, ангажманот и силната поддршка за неодложна имплементација на препораката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија, а со европратениците Ховит, Кукан и Петерле се согласиле дека Македонија премногу долго чека на отворање на преговорите и дека е неопходно оваа состојба да се надмине.
- На средбата беа разгледани оценките и препораките изнесени во предлог Резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Република Македонија за 2011 година. Претседателот нагласи дека вклучувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Резолуцијата претставува повик до инволвираните страни да ја почитуваат пресудата, но е и позитивен поттик за интензивирање на дијалогот и решавање на спорот со името. Тој нагласи дека пресудата од Хаг овозможува рамка за одредување на насоката на идните политики и на двете страни и е клучен аргумент за продолжување на интеграциските процеси на Македонија, паралелно со разговорите за изнаоѓање прифатливо решение во спорот со името – модел кој е посочен и во самата предлог Резолуција на Европскиот Парламент, се вели во соопштението.
Македонскиот претседател високо го оценил вклучувањето на придавката „македонски“ во Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент и истакнал дека употребата на придавката во Резолуцијата, како и нејзината слободна примена во неформалната комуникација во Европскиот парламент, наидува на позитивна реакција кај граѓаните на Република Македонија.
Според претседателот Иванов, тоа отвора надеж дека во идните извештаи и на Европската комисија ќе се почитува оваа пракса и оти изоставувањето на придавката „македонски“ веќе нема да биде случај.
Претседателот Иванов и евро-пратениците Ховит, Кукан и Петерле на средбата разгледувале и други прашања поврзани со реформскиот процес и подготвеноста на Република Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската Унија, при што истакнал дека земјава е подготвена, како и досега, да ги вложи сите потребни напори за да ги исполни стандардите потребни за членство во Европската Унија.
|