20.02.2012, 11:31 Повторно штрајк на франкфуртскиот аеродром
Вработените на франкфуртскиот аеродром денеска започнаа еднодневен штрајк што доведе до колапс и откажување на 223 летови, како и пренасочување на околу 70 претходно планирани летови на други аеродроми во Германија, соопшти портпаролот на аеродромот.
Германската авиокомпанија „Луфтханза“, која држи повеќе од половина летови на аеродромот во Франкфурт, откажа околу 200 дојдовни и појдовни летови во внатрешниот и меѓународен сообраќај, освен интерконтиненталните летови кои се сите денеска на програмата.
Прекинот на работата на еден од најголемите европски аеродроми почна ноќеска во 4 часот и ќе трае во следните 24 часа.
Синдикатите бараат зголемување на платите за 25 до 50 проценти во зависнсот од стручната подготвеност, како и зголемување на бонусот и намалување на работното време.
Ова е трет штрајк на франкфуртскиот аеродром во помалку од една недела. Во четвртокот поради прекин на работата беа откажани 172 лета, а во петокот 280, во најголем дел од „Луфтханза“.
Синдикатите овој пат се одлучија за штрајк поради спорот со управата на аеродромот околу платите и работните услови за околу 200 членови на аеродромскиот персонал.
Франкфуртскиот аеродром, со околу 1.300 летови дневно, е трет по промет во Европа зад лондонскиот „Хитроу“ и парискиот „Шарл де Гол“.
|