20.02.2012, 11:28 Започна карневалот во Рио де Жанеиро
Со голем огномет и со звуците на стотици ударни инструменти, синоќа на Самбодромот започна карневалот во Рио де Жанеиро, што беше емитувано во живо од голем број телевизии низ целиот свет.
Карневалот го започна школата за самба „Ренасер“, која за прв пат дефилира со најдобрите самба школи во бразилскиот град, благодарение на добрите изведби минатата година на активностите во втората дивизија.
Оваа година школата одлучи да му оддаде почит на бразилскиот скулптор и сликар Ромеро Брито, кој се смета за икона на светската поп култура.
Публиката од 72.500 привилегирани гледачи, меѓу кои и Џенифер Лопез, пристигнаа на спектаклот на кои тринаесет најдобри школи по самба во две последователни ноќи ќе се борат за најпосакуваната титула „шампион на карневалот“. Победникот ќе биде познат во среда.
Самбодромот, кој е изграден пред 30 години по проект на бразилскиот архитект Оскар Нимаер, неодамна беше реновиран и проширен за дополнителни 12.500 места.
|