17.02.2012, 13:28 САД повлекуваат од Европа повеќе од 11.000 војници
САД најавија дека ќе ги задржат тесните воени врски со своите европски сојузници и покрај плановите за повлекување на приближно 11.000 војници од Германија и Италија, во рамки на своето стратешко свртување кон Азија.
- Никој не треба да помисли дека намалувањето на бројот на перманентно стационираните американски сили во Европа значи помала поврзаност со нашите европски партнери, изјави портпаролот на Пентагон Џорџ Литл.
Деталите за намалување на силите, што опфаќаат две пешадиски бригади и две воздухопловни ескадрили, ги изнесоа министрите за одбрана Германија и САД Томас де Мезијер и Леон Панета во Пентагон.
Панета, на заедничката прес конфернеција, изјави дека ваквиот чекор не значи менување на посветеноста на Вашингтон кон НАТО.
Тој додаде дека повеќе од 40.000 американски војници ќе останат во Германија и дека новата американска стратегија за одбрана го реафирмира трајното стратешко значење на трансатлантските партнерства со сојузниците од НАТО, каква што е Германија.
Де Мезијер истакна дека Германија и натаму ќе има големо значење за американските сили, додавајќи дека не може да ги критикува САД заради тоа што го спороведуваат истото што го спроведува и Германија, а тоа е намалување на бројот на војници, но напомена дека повлекувањето на американските единици ќе има „ умерено влијание“ врз локалната економија.
Кон крајот на годината американските сили ќе го почнат повлекувањето на двете пешадиски бригади, двете воздухопловни ескадрили, од кои едната е стационирана во италијанската база Авијано, како и околу 2.500 припадници на логистичките сили, најавија официјални претставници. Со ова повлекување бројот на американски војници во Европа од околу 81.000 ќе се намали на 70.000.
|