20.02.2012, 11:33 Нови прописи за органско вино во ЕУ
Европската унија во следните неколку недели официјално ќе ги објави најновите прописи за органско вино според кои, покрај ознаката „органско вино’’ на етикетата ќе мора да бидат поставени и логото на ЕУ за органски производи, како и бројот на компанијата која го издала сертификатот. Новиот пропис се однесува на бербата 2012 година.
Досегашната регулатива дозволуваше винарите на етикетите да истакнат дека „виното е произведено од органско грозје’’ со што се исклучуваше потврдата дека органските правила се застапени и во процесот на обработката на грозјето во вино. Легислативата, донесена во 2007 година, според Комитетот за земјоделство и органско производство, овозможуваше и измами на потрошувачите, а новата тоа ќе го спречи.
Винарските визби што имаат намера да продаваат органско вино не ќе смеат да употребуваат аскорбинска киселина и десулфурикатори при производството, а нивото на сулфити во органското вино, зависно од процентот на шеќер, ќе мора да биде од 30 до 50 милиграми пониско од она во обичните вина.
Во Комисијата за агрикултура и рурален развој истакнуваат дека со донесувањето на најновите прописи ЕУ дефинитивно го заврши и комплетира процесот на регулацијата на органското производство во Европа.
Другите големи производители на органско вино, меѓу кои најголеми се САД, Чиле, Австралија и Јужна Африка, пред три години ги донесоа прописите за тоа кое вино може да се декларира и продава како органско. Ова е направено зашто поттрошувачката на органско вино, поради научно потврдените сознанија дека делува превентивно, па дури и лекува повеќе болести и алергии, стана актуелно, а на пазарот, поради недоволно прцизните прописи во рамките на ЕУ, често се појавуваа и вина со лажна етикета за нивното органско потекло.
|