20.02.2012, 14:56 Околу 46 отсто невработени на возраст од 15 до 29 години
Невработеноста е еден од најголемите проблеми на младите во Република Македонија. Од вкупната стапка на невработеност, 45,8 проценти се млади на возраст од 15 до 29 години. Вкупно 99 отсто од младите сакаат да работат, но само 17,9 проценти или помалку од една петина заработуваат свои пари преку работа, беше истакнато на денешната јавна дебата „Република Млади“.
Според анализите на „Реактор - истражување во акција“, речиси 50 отсто од невработените во Македонија се млади, а дури 96,6 проценти од нив би почнале со работа наредната недела.
- Невработеноста е само еден од проблемите на младите. Покрај вработување, тие сакаат да бидат вклучени и во процесите на одлучување, да има плурализам во младински одлуки, нивно директно учество, рече Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум.
Тој ја посочи потребата од закон за млади кој ќе соодветствува на потребите на младите и ќе им дава можност да бидат директно вклучени во социјалните случувања. Затоа, додаде, е организирана и оваа јавна трибина, за широко учество на младите со свои мислења и препораки кои ќе влезат во т.н. Бела книга.
Според Линдита Реџепи од Центарот за меѓукултурен дијалог од Куманово, за да бидат поефективни во исполнување на своите цели, младите мора да се здружат.
- Последно што треба да се случи е да имаме паралелни групи Македноци, Албанци, Срби, Роми, групи од рурални средини или со одредени попречености. Младите мора да бидат консултирани за да не се оддалечат од општеството и потоа да одговараат на какви било случувања со протести, порача Матијас Кристенсон од Европски младински форум.
Учесниците на дебата заклучија дека треба да се создаде Младински парламент како најдемократска форма за организирање на младите. Една од пепораките е младите, во недостаток на функционална стратегија, да бидат похрабри и погласни кога сакаат да го споделат својот став.
„Република Млади“ е прва од предвидените циклус дебати што ги организира Иницијативата за младинско учество.
|