20.02.2012, 15:35 Рамковски: Осуден сум уште пред да ми пресудат
Велија Рамковски го даде својот завршен збор кој за разлика од неговиот адвокат кој со часови зборуваше поред Судот, траеше само 10 минути
„Јас сум 40 години во бизнисот и никогаш не сум бил осудуван. Владата на чело со Груевски реши да ги затвори критичките медиуми и поради тоа мораше да не прогласи за криминалци да не стави во затвор и така да ги затвори телевизијата и весниците. Знам дека сум осуден уште пред да почне судењето“, рече Рамковски во својот завршен збор на судењето за Пајажина.
„Осуден сум уште пред да ми пресудат“, со овие зборови Велија го заврши своето излагање пред судот. Според него, целта на власта не била да се докаже финансиски криминал, туку да се затворат А1 и А2 и весниците Шпиц, Време и Коха е Ре.
Рамковски потенцираше дека со упадот на УЈП во ноември 2010 неговите фирми имале над 800 вработени, А1 телевизија била најобјективен медиум, а весниците најтиражни во земјата, а денеска благодарение на политичкиот процес не останало ништо од тоа.
Велија тврдеше и дека судењето се водело врз основа на незаконски прибавени докази, фотокопии и лажни тврдења на јавното обвинителство.
|