20.02.2012, 14:16 „Гугл“ обвинет за шпионажа
Компанијата „Гугл“ илегално ја следела активноста на милиони лица кои го користат Интернет прегледникот на „Епл“, „Сафари“, објави американскиот весник „Вол стрит џурнал“. „Гугл“ тоа го реализирал преку специјален програмски код инсталиран во командите на „Сафари“.
Весникот, сепак, наведува дека навигаторот е направен така што можат да се блокираат тие видови следење.
„Гугл“, кој веројатно веднаш го прекинал следењето кога го контактирале од весникот, ги отфрли обвинувањата дека ја загрозува приватноста на Интернет корисниците, наведувајќи за весникот дека тие „куки“ (cookies) не собираат лични податоци, додека од „Епл“ соопштија дека токму работат на прекин на тие постапки.
Следењето го откри истражувачот од универзитетот „Стенфорд“ Џонатан Мејер, чие тврдење го потврди и друг инженер Ашкан Солтани, кого „Вол стрит џурнал“ го повика да објави и втора експертиза.
|