20.02.2012, 14:26 Околу 70.000 патници се превезени на аеродромите во јануари
Во јануари оваа година на аеродромите во Македонија е забележано зголемување на бројот на превезени патници, споредено со истиот период во 2011 година. Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, од двата аеродрома „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид се превезени вкупно 68.877 патници, додека во истиот период минатата година биле превезени вкупно 51.710 патници, што претставува пораст од 23,5 отсто.
Порастот се должи на зголемениот број на патници на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, каде во јануари 2012 година се регистрирани 60.911 патници што во однос на истиот месец минатата година, кога биле регистрирани 44.875 патници, претставува зголемување за 35,7 отсто. Во истиот период е забележано и зголемување на бројот на редовни линии за 36,6 отсто, односно 717 редовни линии во јануари 2012 во однос на 525 кои биле реализирани истиот период минатата година.
Во текот на 2011 година на двата аеродрома во Македонија биле превезени вкупно 834.273 патници што претставува пораст од 15 отсто во однос на 725.472 превезени патници во текот на 2010 година. Освен во превозот на патници, забележан е пораст и во карго-превозот од 9,8 отсто. (Ек.Р.)
|