21.02.2012, 14:20 ТАВ најави нови авиолинии, бара поддршка од државата
Првите луѓе на ТАВ информираа дека по прекинот на летовите на „Малев“ и „Чех ерлајнс“ преземаат напори повторно да ги покријат линиите кон Будимпешта и Прага
Концесионерот на македонските аеродроми турски ТАВ преговара со неколку авиокомпании за воведување нови линии. За поголем раст на авиосообраќајот менаџментот бара поддршка и од Владата чии најавени субвенции за авиосообраќајот ги оценува како многу позитивен чекор.
Првите луѓе на ТАВ денеска на прес-конференција информираа дека по прекинот на летовите на авиокомпаниите „Малев“ и „Чех ерлајнс“ преземаат напори повторно да ги покријат линиите кон Будимпешта и Прага.
- Навистина е потребно многу време за да се воведе некоја нова линија или да се убеди некоја нова авиокомпанија да почне со работа. Има преговори со нови авиокомпании чии имиња не може се уште да ги кажеме. Но, знаете дека во Македонија пазарот е мал, има малку население, а новите авиокомпании бараат фактор на пополнетост на воздухопловот од 70 до 80 проценти, рече главниот оперативен директор на ТАВ, Мурат Орнекол.
Правиме, додаде, маркетиншки напори, но на некој начин бараме и поддршка од Владата бидејќи така ќе привлечеме многу повеќе компании. Нашата програма за субвенционирање сама по себе не е доволна да се убедат сите авиокомпании кои би биле заеинтересирани и недостига малку да одлучат да дојдат, рече Орнекол.
Поголем резултат во растот на авиособраќајот, според него, зависи и од македонските граѓани. Зошто да дојдат авиокомпаниите ако нема патници, праша Орнекол.
Од сопствената програма за субвенционирање ТАВ досега одвоиле 1,1 милион евра и успеале да привлечат шест нови авиокомпании и еден туроператор. И покрај прекинот со работа на одредени компании постигнале раст на авиосообраќајот од 15 проценти. Од декември 2010 до декември 2011 на скопскиот аеродром имало зголемување на бројот на патници за 11,5 проценти, а на охридскиот за 67,5 проценти, односно вкупно зголемување од 15 проценти на двата аеродрома. Во периодот од 1 јануари до 20 февруари годинава во однос на истиот период лани е евидентирано зголемување за 30 проценти.
Тој демантира дека Владата му помага на ТАВ со субвенции. Самата компанија, посочи, си постави своја програма за субвенционирање уште пред две години од кои има очигледни резултати.
Владината најава за субвенции, смета Орнекол, би било одлично нешто за целокупниот авиосообраќај во Македонија. - За да дојдат нови компании и да се зафатат со сериозна работа во Македонија треба најнапред да воспостават своја база овде во Скопје. За да го направат тоа потребно е финансирање за минимум пет години. Како ТАВ не сме во можност да го направиме тоа, но Владата со своите субвенции многу успешно може да привлече нови авиокомпании кои би воспоставиле свои бази во Македонија и на тој начин би биле посериозни клиенти, појасни Орнекол.
Главниот оперативен директор на ТАВ додаде дека треба прецизно да се дефинираат критериумите врз основа на кои ќе се доделуваат субвенциите на странските авиокомпании.
|