30.07.2012, 18:55 Од идната година помала основицата за пензија
Процентот за висината на пензијата се намалува за еден отсто и се утврдува на 1,61 отсто од пензиската основа, а ќе важи за пензиски стаж остварен по 1 јануари 2013 година
Основицата за пресметување на пензија се намалува од 1 отсто на 0,75 за мажи и на 0,86 за жени од висината на платата во изминатите години стаж. Оваа измена во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, и покрај бројните реакции дека со неа ќе се намалат идните пензии за најмлаку 8 отсто, вчера доби виза од Собранието, а ќе се применува од јануари идната година. Со предложените измени процентот од кој се определува висината на пензијата, всушност се утврдува на 1,61 отсто од пензиската основа, а ова ќе важи за пензиски стаж остварен по 1 јануари 2013 година. Тоа значи дека осигуреник кој има 30 години пензиски стаж до 31.12.2012 година, процентот од пензиската основица ќе му се определува како и досега. Односно за 30 години пензиски стаж ќе добие 62 отсто (маж) или 72 отсто (жена).
Пратеникот Голупчо Ангелов од СДСМ на вчерашната собраниска расправа рече дека во Законот има сериозни измени со кои се прави директна штета на пезионерите. А според Панче Орцев од СДСМ, идните пензионери ќе имаат помала основица на пресметување на пензија.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, пак рече дека до крајот на годинава ќе има зголемување од пет отсто на пензиите и платите.
„Пензиите од 1 јануари 2011 година се усогласија за 0,75 проценти, а од 1 јули за 2,10 проценти или вкупното усогласување изнесува 2,86 проценти. Во 2007 година просечната пензија изнесува 7.848 денари, во 2008-9.541 денар, во 2009-10.057 денари, 2010-10.273 денари, 2011-10.682 денари. Секоја година имаме реален пораст на просечната плата“, посочи Ибрахими.
Кога беше предложено кратење на процентот на основицата за пензија, правните експерти предупредија дека пензиите во иднина може да бидат помали дури за 15 отсто и тоа најмногу ќе ги погоди оние кои не се пристапени во вториот пензиски столб и имаат над 40 години стаж, за мажи и над 35 години стаж, за жени. Од Владата, пак објаснувањето беше дека процентот од кој се определува пензијата треба да се приспособи, поради тоа што пензиите целосно се финансираат од уплатата на пензискиот придонес. Тоа, нема да влијае врз висината на пензијата, уверуваат од Министерството за труд и социјала, бидејќи нема да се ограничува досегашниот процент на пензиите од 80 отсто од платата.
Законските измени кои минаа на Праламентот, предвидуваат и корисниците на пензија еднаш годишно да доставуваат и потврда за живот до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Со неа ќе се спречеле досегашните манипулации околу исплатата на пензии на починати лица.(Ј.Ј.) |