29.07.2012, 16:43 (ФОТО) Илчо Ѓорѓиоски избран за претседател на ФФМ
Kандидатура на Ѓорѓоски со акламација беше одобрена од 110-те делегати присутни на денешното вонредно Генерално собрание на ФФМ
ФОТО: Петр Стојановски
Илчо Ѓорѓиоски е новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Единствената кандидатура на Ѓорѓоски со акламација беше одобрена од 110-те делегати присутни на денешното вонредно Генерално собрание на ФФМ што се одржа во Охрид.
- Македонскиот фудбал има иднина. Оваа укажана доверба за мене претставува огромна обврска пред целата македонска, а пред се фудбалската јавност. Ветувам 24 часа посветеност во работата, транспарентност и дисциплина што ќе ја барам од сите, рече новиот претседател на ФФМ, притоа изразувајќи уверување дека идниот период ќе значи нова атмосфера и враќање на довербата во македонскиот фудбал.
На Собранието едногласно беше усвоен и Предлог-статутот на ФФМ, изготвен од работна група на ФИФА, УЕФА и ФФМ, чие усвојување беше предуслов за избегнување суспензија на Федерацијата од Европската и Светската фудбалска асоцијација.
Претходно на Собранието беа верификувани мандатите на 15 нови членови на Федерацијата. Членови од општинските фудбалски сојузи од Битола и од Гевгелија притоа изнесоа забелешки на начинот на кој им биле одземени мандатите на одредени членови во ФФМ, како што беше речено, спротивно на одредбите од важечкиот статут на Федерацијата.
На чело на Фудбалската федерација на Македонија изминатите десет години беше Харалампие Хаџи-Ристески, кој на 17. овој месец поднесе неотповиклива писмена оставка на функцијата. Оставката беше верификувана од делегатите на денешното собрание, заедно со оставката на Управниот одбор на ФФМ.
- Оставката ја поднесувам од лични причини. Решив да оставам простор на други, помлади луѓе кои се надевам дека ќе најдат начин подобро да ја водат Федерацијата, рече Хаџи-Ристески, заблагодарувајќи се на делегатите за соработката во изминатиот период.
|