25.03.2009, 18:23 Мируше Хоџа - личност на претседателската кампања
Соња Крамарска
Ѕвезда во подем или само епизодист во премостувањето на кадровската криза во ДПА е моментно дилемата околу Мируше Хоџа, дамата која наспроти фијаското во претседателската трка, убедливо го зазеде тронот на личност на претседателската кампања.
Со еден телефонски повик од партиската канцеларија со кој лидерот Мендух Тачи и' соопшти дека ќе ја фрли во претседателска трка, на Мируше Хоџа и' почна патот кон јавната сцена. На гласањето на 22 март таа успеа да собере само 30 илјади од близу еден милион гласови што беа дистрибуирани до седумтемина кандидати. Но, независно од малиот број гласови, таа собра многу аплаузи и, според многумина посматрачи на кампањата, е вистинско освежување во политичкото милје.
Сега, откако изборите за неа се завршени, вратите се отвораат за анализи дали Мируше Хоџа ќе заземе позначајно место во структурите на ДПА, која се соочува со криза во внатрешните редови или, пак, ќе се врати во анонимноста каде што беше и претходно како бивша директорка на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и предавач на Филолошкиот факултет во Скопје, на Штуловиот и на Тетовскиот државен универзитет.
Илјаз Халими, еден од ветераните на ДПА, вели дека партијата е задоволна од начинот на кој Хоџа ја одработила претседателската кампања и дека личност како неа може да биде важно засилување во партијата. „Ако гласањето на изборите се одвиваше без диктат од партиите и лидерите, Мируше ќе освоеше многу повеќе гласови“, вели Халими.
Во настапите на Мируше Хоџа политичките аналитичари препознаа ставови на легендата на ДПА, Арбен Џафери, кој поради болест се повлече од кормилото на партијата. Тоа се ставовите за консензуална демократија и за паралелни институции во земјата кои беа политичкото тежиште на кампањата на Хоџа, но кои поради очигледниот шарм со кој таа ги соопштуваше, овој пат не ја иритираа македонската етничка заедница.
Владо Бучковски, поранешен премиер и лидер на опозициските социјалдемократи, вели дека ја доживеал Мируше Хоџа како учесник во претседателската трка со брилијантни, рече, настапи. „Мислам дека таа беше одлична, но не доби соодветна логистика од партијата што ја кандидираше“, вели Бучковски. Тој, како долгогодишен познавач на политичка сцена, вели дека не може да прогнозира како ќе се вклопи Хоџа во политиката бидејќи, како што вели, на албанскиот политички камп му претстојат многу внатрешни турбуленции и смена на позициите.
Македонската политичка сцена, според многумина, се соочува или со хиперинфлација на нови, но неталентирани ликови или пак на друга страна се јавува незадоволство поради истрошеност и замор на нејзините актери. Лансирањето на нови политички ѕвезди во самите партии оди премногу бавно за разлика од другите земји каде што речиси секоја година политичките кампуси прогласуваат свои откритија на планот на кадровското подновување.
Впечаток од дваесетдневната кампања е дека на Мируше Хоџа не и' недостигаат политички талент и харизма. Нејзиното изострено чувство за политика и политички односи можеше да се забележи во нејзините ставови за неопходноста од итно решавање на проблемот со името и забрзувањето на процесите на евроатлантска интеграција. Таа се покажа и како жесток полемичар, особено во престрелките што ги имаше со фаворитот на претседателските избори, Ѓорге Иванов, и во неколку наврати со кандидатот на ДУИ, Агрон Буџаку.
Сумирајќи ги своите впечатоци за кампањата, Мируше Хоџа ни рече оти жали што во дебатите не се отворило прашањето за абортусот и што, според неа, телевизиите правеле суптилна цензура за време на соочувањата на кандидатите. „Граѓаните не успеаја докрај да ги видат квалитетите на претседателските кандидати“, вели таа. Ни откри и дека самата ги пишувала говорите за настапите на митинзите и во дебатите. „Сакам да стојам зад секој мој искажан збор“, појаснува енергичната Хоџа.
Дали се тоа доволни квалитети за заземање место во партиската машинерија на ДПА ќе покаже времето. Мируше Хоџа покажа дека ја бидува за политика. |