02.08.2012, 18:30 Вториот пубертет кај жените
Не постои точно време кога настанува менопауза, ама симптомите се точни - непријатни бранови на топлина...
Валентина Тодоровска
Кога ќе го погледнат светот низ розови очила, жените во кризни години веќе имаат оправдување - што и да направат, колку и да им е „чудно“ однесувањето, тие велат - за се' е виновен климактериумот. За што станува збор? Менопауза или климактериум (грчки „климактер“ - промена) е минлива доба кај жената кога престануваат нејзините генитални функции, што за својот почеток ја спомнуваат четвртата декада од животот. Приказната секогаш е индивидуална и секоја жена си ја доживува поинаку, но мистиката на овие години оди дотаму што кризите и депресиите се толкуваат како незадоволство поради нереализираната женственост, исфрустрираност, ненаплатени „долгови“.
Поголемиот дел од припадниците на понежниот пол стареењето и климактериумот го доживуваат како болест. На многу жени менопаузата им ја брише насмевката, се чувствуваат старо, непотребно, истрошено, се затвораат во себе, а тагата полека им станува сојузник на патот во еден правец.
„Преминот од еден кон друг животен стадиум се означува како развојна криза и секоја фаза од животниот циклус треба поволно да се реши за понатамошниот развој да тече непречено“, вели проф. д-р Георги Чадловски. Генеративната, пак, фаза на жената почнува некаде од пубертетот, кога личноста созрева на биолошки план и кога со првата менструација се означува животниот период кога таа е плодна да ги оствари основните човекови цели: репродукција и одржување на животот.
Всушност, репродуктивната фаза кај жената трае до средната возраст за полека да почне да се намалува се' додека сосема не згасне, заедно со одредени биолошки и психолошки атрибути ��то ги следат годините. И така настапува климактериумот, фазата кога жената престанува да биде жена која може да раѓа и да го зголемува потомството. Професорот Чадловски вели дека секогаш треба да се има на ум оти климактериумот е еден физиолошки период на жената како и пубертетот и тој никогаш не значи болест.
„Менопаузата е поттикната од значајни хормонални промени во ендокринолошкиот циклус на жената, кои не се одразуваат само на генеративната способност, туку имаат одредени реперкусии и врз психолошкото и врз соматското здравје на жената“, продолжува Чадловски. „И бидејќи станува збор за природна и нормална појава, таа не треба да се третира фармаколошки се' до оној момент кога длабоките хормонални промени не се реперкуираат и на физичкото, а особено на психичкото здравје“.
Инаку, почетокот на климактериумот е строго индивидуален: се јавува помеѓу четириесеттите и педесеттите години, но неретко започнува и наближувајќи им се на шеесеттите.
„Се зборува дека и климактериумот е генетска работа, како било кај мајката, така е и кај ќерката, а нашата женска семејна приказна ја повторува 50. година“, своето искуство го раскажа Цветанка Ласкова. „Да, имав толку години и од мојата менопауза беа најзабележливи потењата, доаѓаа и си одеа во бранови. На друго не се сеќавам, зашто во тој период бев преокупирана со здравјето на Мишо. Значи, ако имаш друго гајле, нема ниту да забележиш дека кај тебе се случуваат промени, ниту, пак, ќе им посветиш внимание. Се' е во главата - ако си немате друга преокупација, и нормалните промени ќе ви се сторат многу тешки и напорни...“
Хормоналните промени, според проф. Чадловски, се должат на наглото паѓање на естрогените хормони, кои се создаваат во јајчниците. Токму затоа се чести промените во функционирањето на некои органи, а жената ги чувствува како нагли бранови на топлина, забрзано чукање на срцето, претерано потење, повремени мигрено��ни главоболки, психички и телесен замор, паѓање на концентрацијата, несоница, зголемена чувствителност, нервоза и сл.
Блага Петреска вели дека тие чувствителни години на промени ги минала во од. „Ја раситнив педесетката и се сеќавам дека тогаш мојата кариера доживуваше кулминација - одев на турнеи, на фестивали, добивав награди, немав време за тага, напротив, бев полна со позитивна енергија, трчав, летав, се дружев со луѓе, бев иста каква што сум си секогаш“. Сепак, Блага ги памети промените, како што се бранови на топлина што често и доаѓаа, ама се забораваше откако ќе го земеше микрофонот в раце и ќе се качеше на сцена.
Чадловски нагласи дека оваа фаза е неминовна за секоја жена со здрави јајчници и тоа е нормална работа во животот, па затоа и овој период треба да се сфати како таков. Единствено така жената ќе биде добро подготвена за сите психички и телесни промени што настануваат и што се предизвикани со наглиот пад на естрогените хормони. „На психички план жената е соочена со фактот дека веќе не е жена во генеративна смисла на зборот и дека е помалку вредна на сите полиња од периодот кога менструалните циклуси и' биле редовни. И она што најчесто ја плаши е фактот дека со климактериумот се ближи нејзината старост и дека нејзиниот партнер ќе си најде некоја друга. Божем, мажите бараат само плодни жени“.
И во климактериумот и по него, жената се' уште ќе биде жена со сите нејзини позитивни атрибути, либидото ќе и' се намали, но набргу организмот ќе се навикне на новата хормонална рамнотежа и тоа ќе биде доволно силно за долг и здрав сексуален живот, ослободен од размислувањата за контрацепција и планирање на семејството.
„Тоа е физиолошки период на жената, предизвикан од наглиот пад на естрогените хормони и во брзото навикнување на организмот на такво намалено ниво жената обично и нема потреба од медицинска помош. Ако наглото паѓање, пак, предизвикало малку повеќе и малку посилни и психолошки и соматски тегоби, секако, потребна е консултација од матичен гинеколог и психијатар“, заврши професорот Чадловски.
Проф. д-р Георги Чадловски - „И она што најчесто ја плаши жената е фактот дека со климактериумот и' се ближи староста и дека нејзиниот партнер ќе си најде некоја друга. Божем, мажите бараат само плодни жени“
Цветанка Ласкова
„Околу 50. година влезе во менопауза, исто како баба и' и мајка и'“
Блага Петреска
„Се' се случи во од, тие години ми беа најактивни во кариерата, па климаксот ми помина безболно“
Совети
Намалете ги цигарите, алкохолот, кофеинот и мрсната храна зашто во овие години најлесно се прави појас околу половината. Облеката и шминката не треба да се запостават затоа што со нив се одржува самодовербата и се остава позитивен впечаток на околината. Секако, во овој минлив период многу е важно разбирањето на семејството и поддршката од нивна страна.
|