27.07.2012, 09:42 Груевски без коментари за името, го кани Самарас на средба

Од кабинетот на Груевски соопштија дека во следните месеци премиерот ќе се воздржува од какви било коментари кои се однесуваат на спорот за името
Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија објавува дека премиерот Груевски во наредните месеци ќе се воздржува од какви било коментари кои се однесуваат на спорот за името или се од суштинско значење на односите помеѓу двете земји и нема да одговара на прашањата на новинарите на овие теми. Целта е да не се остави простор, изјави на премиерот Груевски да бидат користени како алиби за дефокусирање од билатералниот спор, но и да не бидат злоупотребувани од страна на поединци и политичари кај јужниот сосед.
Со еден ваков гест, се наведува во соопштението од канцеларијата на македонскиот премиер, „би сакале да ставиме крај на играта на обвинувања која што нашиот јужен сосед упорно ни ја наметнува“.
- Сведоци сме на прилично остри и неконструктивни реакции од грчка страна поврзани со содржината на разговорите помеѓу премиерот Никола Груевски и генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки-мун, со што очигледно се покажува една нервоза и непријатност од вистината којашто е втемелена не во позициите изнесени од страна на премиерот Груевски, туку од Извештајот на специјалниот пратеник за човекови права на Генералниот секретар на Обединетите нации, г-ѓата Геј Мекдугал, за чии забелешки во врска со македонското малцинство во Грција, и раселените лица од Граѓанската војна во Грција, впрочем, меѓу другото на средбата и се разговараше. Вистината којашто е забележана во Извештајот на специјалниот пратеник за човекови права на Генералниот секретар на Обединетите нации, г-ѓата Геј Мекдугал, е навистина непријатна, и од еден таков агол ние разбираме дека е погодена целта, стои во соопштението.
Во интерес на засилување на дијалогот помеѓу двете земји и создавање позитивен импулс и амбиент, премиерот Груевски му нуди на грчкиот премиер Андонис Самарас повеќе термини за меѓусебни средби, и тоа: 2 август, 15 август, 2 септември, 15 септември, но и кој било друг термин или локација кои што би биле определени од грчка страна. Премиерот Груевски заради давањето висок приоритет на ова прашање изразува подготвеност да откаже какви било претходно закажани активности, патувања или посети, доколку тие се поклопуваат со евентуално предложен термин од грчка страна. |