Виси грантот од ЕК за делницата Демир Капија - Смоквица
Искористувањето на парите е врзано за рокови, а постапката тапка во место неколку месеци
Сања Наумовска
Проектот за изградба на автопатот Демир Капија - Смоквица никако да тргне од мртва точка. Неколку месеци откако Министерството за транспорт и врски објави дека тендерската документација за избор на изведувач е испратена на усогласување во Европската комисија, која доделува грант од 45 милиони евра, во процесот нема ниту еден чекор напредок. Документацијата се' уште е во ЕК, а тендерот не е распишан. Од Комисијата, пак, неколкупати досега алармираа дека времето тече, а искористувањето на средствата не стартувало. Поради тоа, моментно постои реална опасност Македонија да остане без парите доделени преку ИПА-компонентата за регионален развој, за доизградба на оваа делница од Коридорот 10.
Парите од европските институции имаат рок во кој можат да се повлечат, коментираат експертите, поради што е неопходно да се испочитуваат временските рокови на сите чекори во постапката. „Тендерот е најлесен �� најбрз дел од постапката во овој проект, парите од грантот ќе треба да се повлекуваат и во текот на изградбата, поради што процесот не смее да доцни“, вели пратеничката Радмила Шеќеринска, објаснувајќи дека одговорноста за успешна реализацијата на проектот е исклучиво кај нашите институции. „Со оглед на тоа дека ЕК неколкупати алармираше дека парите уште стојат, значи дека има некој проблем, а него може да го реши само одговорното министерство“, вели Шеќеринска.
Доцнењето на проектот, пак, не ги загрижува одговорните во Министерството за транспорт. Потврдуваат дека Комисијата се' уште не ја одобрила тендерската документација, но не ги соопштуваат причините. Информираат дека е планирано тендерот да се распише во првиот квартал од годинава, се разбира ако добијат потврден одговор. Изградбата на делницата, со која, конечно, целосно ќе се заокружи автопатот по должината на Коридорот 10, го чека и одговорот од Европската банка за обнова и развој, која, исто така, треба да учествува во финансирањето со кредит од 107 милиони евра. Од нив, 90 милиони евра се наменети за изградба на автопатот, а остатокот за модернизација на системот за наплата на патарина и на наплатните станици по должината на Коридорот. Иако се најавуваше дека годинава треба да почнат и градежните работи на автопатот, досега само Европската инвестициска банка го одобри заемот од 130 милиони евра. За делницата долга 28 километри, Владата планира да одвои од буџетот 6 милиони евра.
„За изградба на патната делница од Коридорот 10, Демир Капија – Смоквица, минатата година е изготвен изведбен проект. Предвидено е оваа делница да почне со изградба годинава, а проценетата вредност на целиот проект изнесува околу 245 милиони евра. Во рамките на активностите за целосна изградба на патната инфраструктура на Коридорот 10, во 2008 година започна изградбата на автопатот на делницата Табановце - Куманово и се очекува неговата изградба да заврши на средината на годинава“, информираат од Министерството.
Со изградбата на делницата Демир Капија - Смоквица на ниво на автопат ќе се заокружи Коридорот 10 во Македонија, најзначајната транспортна врска на нашата земја со европските земји и со солунското пристаниште. Коридорот, кој е долг 1.451 километар, ги поврзува Салцбург и Солун преку Љубљана, Загреб, Белград и Скопје е автопат со повеќе ленти на 80 проценти од својата должина. |